Украинската противвоздушна одбрана би можела да остане без проектили за неколку недели, сугерираат протечените доверливи документи на Пентагон, кои датираат од февруари. Американското министерство за одбрана истражува како документите излегле во јавност, при што некои експерти велат дека идентитетот на изворот на протекувањето би можел да биде американски, а не странски.
Ваквите размислувања се темелат на ширината на темите опфатени во протечените документи, како војната во Украина, Кина, Блиски Исток и Африка.
„Иако не е исклучена можноста дека зад протекувањето стојат проруски елементи, фокусот сега е на американски извор, зашто голем дел од документите биле во американските раце“, изјави високиот функционер од Пентагон, Мајкл Малрој.
Документ од 23 февруари нагласува дека украинските противвоздушни системи „С-300“ ќе бидат исцрпени до почетокот на мај ако се продолжи со сегашното темпо на користење проектили. Нејасно е дали нешто се променило во меѓувреме.
Пентагон вчера кажа дека ја анализира автентичноста на фотографираните документи, кои „се чини дека содржат чувствителни и високо доверливи материјали“.
Овие документи првпат се појавија на интернет пред неколку недели, но „Њујорк тајмс“ прв извести за нивното постоење во петокот. Пентагон отвори кривична истрага за протекувањето.
Документите, меѓу другото, откриваат детали за барањата на Украина во пресрет на пролетната противофанзива и за тоа како САД и НАТО би можеле да одговорат на нив, а според воените аналитичари кои направија увид во документите, одделни делови изгледаат изменето.