ЗДРАВ СУМ, САМО ПОДОСЛАБНАТ ПО ИЗБОРИТЕ, ВЕЛИ МИРО МАСИН СО НОВАТА ИЗЛОЖБА „ПТИЦИ“

a:1:{s:9:"td_source";s:45:"Скопје,(САКАМДАКАЖАМ.МК)

    ЗДРАВ СУМ, САМО ПОДОСЛАБНАТ ПО ИЗБОРИТЕ, ВЕЛИ МИРО МАСИН СО НОВАТА ИЗЛОЖБА „ПТИЦИ“

    Магнетно привлечниот урбан уметнички лик  Мирослав Масин (53) има традиција да прави журки дома, обично за својот роденден на 17 јануари, кога кани одбран, но прилично широк тип гости, при што, се разбира, се распослани неговите дела на увид на јавноста. Но, боемски настроениот Масин, годинава нешто порано ги покани пријателите  и публиката преку јавно објавен настан на Фејсбук на својата прва изложба организирана дома.

    Вели: „Излегоа многу нови дела оваа година од циклусот ‘Птици’, па си реков да се собереме, да се видиме пред Нова година, и здравје Боже, пак да се видиме за роденденот“.

    Масин е џентлмен, икона на современата македонска уметност, па така и сега кога е со кревко здравје, неговиот збор е последен за тоа како треба да се слави животот. Со журка, со нови дела и изложба насловена „Птицаден“ (Birday).

    Миро не зборува за политика, па за циклусот „Птици“ вели дека секако асоцира на слобода, и на аполитичност, но се шегува на своја сметка и додава:

    „Јас работам кампањски. Почнав со еден орел за кој имам виц, кој се кажува на српски оти тешко се преведува. Орел на српски е орао. И, орелот се напил, па сабајлето кога сѐ го болело од алкохолот се прашал ‘дал сам орао или копао’. Што би значело дал сум орал или копал. И, така, по орелот се фатив со петлите. Кампањски сум учел и во школа, на што ме потесетува мајка ми. Прво ќе сум добиел единица за нешто лесно, а потоа сум го учел цел учебник за петка. Кампањски слушам и музика. Сега сум на Паганини и на класичен џез“.

    „Излегоа многу нови дела оваа година од циклусот ‘Птици’, па си реков да се собереме, да се видиме пред Нова година, и здравје Боже, пак да се видиме за роденденот“, вели Масин (Фото: СДК.МК)

    „Излегоа многу нови дела оваа година од циклусот ‘Птици’, па си реков да се собереме, да се видиме пред Нова година, и здравје Боже, пак да се видиме за роденденот“, вели Масин (Фото: СДК.МК)

    Масин не смета дека државата треба да ги издржува уметниците. Тој вели оти на Конкурсот за откуп на Министерството за култура се пријавил во третиот повик откако видел дека добро им оди на некои негови колеги. Сепак, тој мисли дека не е упатно самите уметници да се кандидираат.

    „Комисиите, по некоја логика, треба да одат по ателјеа, а не авторите сами да нудат по три дела, со цени. Не размислувам многу за тоа дали ќе откупат некое мое дело. Секако дека е добро за семејниот буџет, но малку ми е битно дали ќе сум во некој музеј. Не ме интересира многу што ќе биде по мене. Ме интерсира сега и овде“, вели Масин.

    А, на прашањето како му оди генерално продажбата на дела вели:„Па, жив сум, и здрав. Да, здрав сум. Кај нас обично, кога има избори или светски првенства, стивнува инвестирањето во ликовната уметност. Бизнисмените ги чуваат парите за некои други инвестиции, затоа сум малку подослабен сега, по изборите (ха, ха)“.

    Птиците летаат на сите страни во ателјето на Масин во Скопје, сѐ е весело, раздвижено. Има двоглави петли, тој вели зошто да не, ако има двоглави орли. Мешани ситуации, во познатото белило на Масин што вели може да е Охрдското Езеро или некоја плалнина. Има многу љубов, без која творештвото на Масин не би била искрена, има и актови, исто така органски дел од неговиот израз.

    „Нема жена од која било возраст, од најрана до оние како мајка ми, што не сакаат да позираат. Првин викаат, ‘неее, никако’, за веднаш потоа да почнат да се подместуваат и да се дотеруваат,“ вели Масин, докажан портретист во современата македонска уметност.

    Птиците обично  летаат кон Југ, кон топло, а некој деновиве гледајќи во сликите забележал дека една птица оди влево, друга вдесно, на што  Масин вели:

    „Па, зависи како гледаш. Ако гледаш како адвокатите кои различно ги толкуваат законите, и два и два не се секогаш четири“.

    Новата 2017 година Масин ја дочека со честитки за гостите, потоа со неговиот, како што на шега го нарекува – штанд, каде што ги нуди насликаните продажни предмети како лампиони, вратоврски, вина со етикети, украсни перничиња, и со најава за двете скорешни изложби, во Белград и во Љубљана.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира