Досега невидена анализа за тоа како расте ракот ја откри неговата бесконечна способност да се развива и преживува. Резултатите од деветгодишното следење на ракот на бели дробови го оставија истражувачкиот тим изненаден и вџашен од застрашувачката сила на она против што се бореа.
Тие заклучија дека мора повеќе да се фокусираме на превенцијата, додека универзален лек за оваа болест засега не е на повидок. Британскиот центар за истражување на ракот кажа дека раното откривање на болеста е од животно значење.
Ова истражување ја обезбеди најдлабинската анализа за тоа како ракот се развива и што го предизвикува неговото ширење.
Туморите се менуваат и развиваат со тек на време, стануваат поагресивни, подобро го заобиколуваат имунолошкиот систем и така се шират низ телото. Тие почнуваат како една расипана клетка, па стануваат мешавина од милиони клетки кои сите мутирале на различни начини.
Истражувачите ја следеа таа разноликост и како се менува со тек на време во пациентите со рак на бели дробови, но кажаа дека ова може да се примени и на други видови рак.
„Ова никогаш не било направено во овој обем. Ме изненади колку приспособливи можат да бидат туморите. Не сакам да звучам многу депресивно, но имајќи ги предвид бесконечните можности на кои туморите можат да се развиваат, мислам дека нема да можеме да дојдеме до универзален лек за болеста“, изјави Чарлс Свонтон од Институтот „Френсис Крик“