ЖИТЕЛИТЕ НА ТРИ УЛИЦИ ВО КУМАНОВО СО ГОДИНИ НЕ ДОБИВААТ ПРАТКИ, ОД ПОШТАТА ВЕЛАТ ГРЕШКАТА Е ВО АДРЕСИТЕ

    ЖИТЕЛИТЕ НА ТРИ УЛИЦИ ВО КУМАНОВО СО ГОДИНИ НЕ ДОБИВААТ ПРАТКИ, ОД ПОШТАТА ВЕЛАТ ГРЕШКАТА Е ВО АДРЕСИТЕЖителите велат дека не им стигаат службените извесувања, опомени, сметки, прекршоци или тужби и дека никој потпишува во нивно име. (Фото: СДК.МК)

    Жителите на улиците Доне Божинов, 502 и 503, што во близина на Спомен-костурницата во Куманово, се жалат дека повеќе од седум години не добиваат писма ни пратки на домашната адреса затоа што вработените во Кумановската пошта не им ги доставуваат. Тие тврдат дека со години не само што се ускратени да се израдуваат на некоја убава вест или честитка од своите најблиски, туку трпат и финасиски последици, затоа што не им стигаат службените извесувања, опомени, сметки, прекршоци или тужби.

    „Ај што не ни ги носат обичните писма, ама не ни ги доставуваат ни препорачаните писма. Некој потпишува во наше име, се прави кривично дело. Еве, ќе ви кажам конкретен пример. Син ми направил сообраќаен прекршок и се водела судската постапка без негово знаење. Му изрекоа максимална казна, а како отежителна околност беше наведено дека не се појавувал на судењата, иако бил уредно поканет и имало потпис, некој се потпишал во негово име. Сега поднесовме жалба во Апелација и чекаме разврска, да видиме кој е фалсификаторот. Исто така, за малку ќерка ми ќе останеше без стипендија затоа што не го добила известувањето, среќа нејзини колешки ја информираа. Нашата пошта завршува во канта, наместо во нашите домови и тоа е недопустиво во 21 век“, вели Тони Пешевски, жител на улицата 502.

    Тие велат дека проблемот настанал откако стариот поштар заминал во пензија, а новите никогаш не се зафатиле да си ја вршат работата за која се платени. Нивната населба е релитивно нова и изградена е покрај регионален пат, па едната страна од куќите припаѓаат во населбата Перо Чичо, а другата кон градот, но заедничко им што немаат уредна поштенска достава.

    „Порано сите се водевме на улицата Доне Божинов бб, ама пред десетина години од едната страна добивме нови улици со броеви, од другата страна остана старата адреса. Ама, поштарите не доаѓаат во двата реона. Оставаме броеви кај вработените во поштата да ни се јават кога треба. Реагиравме до надлежните, пишувавме петиција, ни ветија дека ќе го решат проблемот, но засега ништо“, додава Оливера Јовановска, која живее на соседната улица 503.

    Од Кумановската пошта велат дека се запознаени со проблемот и веќе работат за решавање. Тврдат дека недоразбирањето настанало бидејќи дошло до промена на адресите, за што не биле известени ниту од Општината ни од граѓаните.

    „За проблемот знам двасетина дена, откако граѓаните ја доставија петицијата. Претходно никој не се пожалил кај мене. Веќе направивме увид на лице место и ги воведовме новите адреси во патните листи, по кои поштароразнесувачите уредно ќе ги носат пратките до граѓаните, во спротивно за нив ќе следат санкции“, изјави директорот Јовица Спасовски.

    Жителите се одлучни да се изборат за своето право и ако не се реши проблемот во најскоро време подготвени се да протестираат пред Кумановската пошта, за да ги натераат надлежните да си ја вршат работата.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира