Алексеј Навални, најистакнатиот руски опозициски политичар, има силни болки во стомакот кои најверојатно се последица на отров што бавно делува, вели негов близок соработник. Руслан Шавединов кажа дека минатата недела била повикана Брза помош во затворот во Мелеково, каде што Навални ја одлежува долгогодишната затворска казна.
„Неговата ситуација е критична, сите сме многу загрижени. Како што ние разбираме, ситуацијата мора да била многу лоша ако била повикана Брза помош“, кажа Шавединов за „Гардијан“, додавајќи дека затворската управа не дозволува Навални да биде однесен во болница.
46-годишниот Навални беше осуден на 11,5 години затвор за измама и непочитување на судот, додека организациите за човекови права велат дека пресудата е политичка и со цел да тој да биде замолчен.
Шавединов вели дека тимот на Навални верува дека тој е бавно труен.
„Нашата теорија е дека тие постепено го убиваат, користејќи отров што делува бавно и му го даваат преку храна. Ова можеби звучи како параноја, но по труењето со Новичок, изгледа сосема веројатно. Тој загуби 8 килограми за две недели, нешто што не се случило досега и докторите не му кажуваат зошто има толкави болки“, вели Шавединов.
Навални беше отруен со Новичок, нервен отров од советско производство додека беше на патување во Сибир во 2020 година. Тој беше на терапија во Берлин и го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека стои зад нападот.
Прашан околу тврдењата дека Навални е пак отруен, портпаролот на Кремљ Дмитри Песков кажа дека тоа е работа на затворските власти.