СУДОТ НА ЧЕСТА НА ЛЕКАРСКАТА КОМОРА ЌЕ ЗАСЕДАВА ЗА ВРЕМЕНО ОДЗЕМАЊЕ НА ЛИЦЕНЦАТА НА АНЕСТЕЗИОЛОГОТ ОД ТЕТОВСКАТА БОЛНИЦА КОЈ ОБЈАВУВАШЕ ПАЦИЕНТКИ НА ТИКТОК

    СУДОТ НА ЧЕСТА НА ЛЕКАРСКАТА КОМОРА ЌЕ ЗАСЕДАВА ЗА ВРЕМЕНО ОДЗЕМАЊЕ НА ЛИЦЕНЦАТА НА АНЕСТЕЗИОЛОГОТ ОД ТЕТОВСКАТА БОЛНИЦА КОЈ ОБЈАВУВАШЕ ПАЦИЕНТКИ НА ТИКТОКД-р Гривчева-Старделова во име на целата струка им се извини на пациенткие кои биле снимени без дозвола додека беспомошно лежеле на Гинеколошкиот оддел во болницата. (Фото: К. Попов)

    Обвинителот на Судот на честа на Лекарската комора достави обвинение против д-р Ваљон Дервиши (43) заради времено одземање на лиценцата за работа, кажа денеска претседателката на Комората, д-р Калина Гривчева-Старделова, додавајќи дека максималната казна е 7 години да биде одземена лиценцата. Анестезиологот Дервиши од тетовската Клиничка болница снимал и објавувал снимки  на мрежата ТикТок од пациенти и вработени во болницата.

    Откако снимките беа објавени и предизвикаа голема вознемиреност во јавноста, полицијата го приведе анестезиологот. Случајот го пријави директорот на Клиничката болница од Тетово Плумб Вела. На 15 април, Дервиши доби осумдневен притвор по предлог на Обвинителството и судија на претходна постапка од Основниот суд Тетово.

    „Лекар вработен во оваа институција за жал ја искористил својата позиција во институцијата и ги нарушил правата на пациентите и нивното достоинство, а со тоа ги нарушил угледот и честа на нашата лекарска професија. Итно свикавме вонреден состанок на Комисијата за етички и правни прашања. По детална расправа и разгледување на случајот, Комисијата донесе едногласна одлука за покренување на постапка пред Судот на честа на Лекарската комора. Обвинителот на Судот на честа по разгледувањето на пријавата истата ја прифати и до Судот на честа на Комората достави обвинение против доктор Ваљон Дервиши, анестезиолог кој веќе не е вработен во Болницата, со предлог Судот на честа да му изрече мерка за времено одземање на лиценцата за работа, согласно правните регулативи. Обвиниението во овој момент му се доставува на докторот кој е во притвор“, рече д-р Гривчева-Старделова.

    Таа додаде дека по истек на минималните временски рокови, предвидени во постапката, Судот на честа ќе заседава за донесување на конечна одлука.

    Д-р Гривчева-Старделова изрази најостра осуда за инцидентот и, како што рече, во име на целата струка им се извини на пациентките кои биле снимени без дозвола додека беспомошно лежеле на Гинеколошкиот оддел во болницата.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира