ПОЧИНА ХИЛДА КОНДОВСКА, ЕДНА ОД ПИОНЕРИТЕ НА НОВИНАРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ВО ЗЕМЈАВА

    ПОЧИНА ХИЛДА КОНДОВСКА, ЕДНА ОД ПИОНЕРИТЕ НА НОВИНАРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ВО ЗЕМЈАВАКондовска го посвети професионалниот живот на дневната редакција на МТВ, каде што со децении секојдневно известуваше за културните случувања во земјата. (Фото: Приватна архива)

    На 82 години почина Хилдегард-Хилда Кондовска, пензионирана ТВ новинарка и уредничка за култура во Македонската радио-телевизија (МТВ), каде била од основањето. Таа важеше за една од водечките новинари за култура и уметност во земјава. Го посвети професионалниот живот на дневната редакција на МТВ, каде што со децении секојдневно известуваше за културните случувања во земјата, а авторка е и на безброј фељтони, репортажи, портрети, со што остави драгоцена ТВ архива за културата во државата, особено за заштитата на културното наследство.

    Во МТВ почнува да работи есента 1962 година, веднаш по враќањето од Италија каде ги посетува курсевите што во тоа време ги организираше РАИ (Италијанска радио телевизија). Била новинарка, коментаторка и уредничка на редакцијата за култура и уметност на ТВ дневникот, во кој го поминала најголемиот дел од својот работен век, за да во 1992 година, премине во културна рубрика на МТВ. Била уредничка на серија емисии за нашите македонски цркви и манастири, потоа портрети на современи писатели, композитори, драмски, музички, балетски и ликовни уметници, како и емисии од историјата на македонскиот театар, градот Скопје и други. Работела и за весниците „Нова Македонија“, „Вечер“, „Културен Живот“.

    Кондовска беше сопруга на еден од најзначајните македонски сликари, Димитар Кондовски, со кого имаат три деца. Таа е мајка на глумицата од Драмски театар Марија Кондовска и на фотографот Филип Кондовски.  Лани, со нејзина соработка, Националната галерија на Македонија ја организираше ретроспективата на Кондовски во Даут пашин амам, кога беа претставени дела од семејната колекција.

    „Баш се чувствував добро сега кога успеав да ја видам изложбата, зашто на отворањето за кое слушам сè најубаво, не бев во можност да одам. Директорката Дита е прекрасна личност, посветена на својата работа, се интересираше за секоја слика одделно. Многу сум среќна што ја реализиравме ова изложба. Даут пашин амам е грандиозен. Го гледам силен, реновиран дотеран, и спокојно спијам дека нема ништо да им стане на делата кои се сликани на даски. Се радувам што ги споделивме овие дела со јавноста, и верувам дека се добива впечатокот оти за Димче, сликарството беше живот“, ни изјави Хилда лани во јуни.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира