Епохалното достигнување на Марко Пејчиновски, 16-годишното момче од Охрид кое со некроза на коска на долните екстремитети десет пати го преплива Охридското Езеро, e овековечено во монографијата „Одисеја 2022 Odyssey“.
Марко не ги признава границите на човечките можности. Неговите подвизи, во кои најчесто го користи горниот дел од телото, се доказ дека со секое следно пливање прави нешто поголемо и потешко, ги крева стандардите и покажува дека ништо не е невозможно. Решеноста, посветеноста и волјата треба да се инспирација за сите нас, порачува Марко.
„Да се реализира еден ваков проект воопшто не е лесно. Потребни се огромни желба, посветеност и дисциплина, кои беа присутни кај мене од првиот ден, оти верував непоколебливо дека ќе успеам. Но, тоа немаше да се случи без мојот тим, кој ми беше најголема поддршка во секој момент и во секој поглед“, вели Марко.
Татко му Тони ја има најважната улога во успесите на Марко. Според него, оваа монографија ќе остави трага во пишаното наследство за Охрид и Охридско Езеро.
„Татко ми ме учеше за пливачките техники, за начинот на тренирање, го правеше планот за тренинзи, ме учеше за човековото тело, плановите за исхрана, ме учеше за времето и езерото. Беше со мене на секој мој тренинг и постојано ме советуваше како да се подобрам“, раскажува Марко.
Тој е горд на своите подвизи, успевајќи да остави, како што самиот вели, трага во времето, но е херој и за многу познати маратонци.
„Мора да признам, кога првпат слушнав за предизвикот што Марко го поставил пред себе, мислев дека е невозможна мисија. Знам колку е тешко да се постигне тоа и низ што сè треба да помине. Но, Марко докажа дека може многу повеќе од сите очекувања. Многумина пливачки маратонци и победници на интернационални маратони, вклучувајќи ме и мене, би му завиделе на Марко на достигнувањата“, кажа пливачкиот маратонец Евгениј Поп Ацев.
Монографијата „Одисеја 2022 Odyssey“ содржи информации и материјали за неповторливиот успех на Марко, претставен преку фотографии, официјални сертификати и видувањата на сите оние кои се дел од неговите подвизи.
Марко ја започна пливачката кариера на 12-годишна возраст во водите на Охридското Езеро. Лани исплива 63,84 километри од охридското пристаниште до Струга, па до Свети Наум и назад до пристаништето за време од 21 час и 41 минута, со две застанувања од вкупно девет минути и 46 секунди. Агенција за млади и спорт му ја додели наградата за спортски подвиг на годината, откако минатото лето исплива вкупно 250 километри во Охридското Езеро. Светската асоцијација за пливање на отворени води и официјално ги верификуваше сите 10 препливувања на Марко во вкупна должина од 250,27 километри.
„За мене, пливањето е повеќе од спорт, нешто што ме крена на нозе, нешто што ме спаси од депресија, ме натера да пораснам, да се соочам со моите мисли наместо да бегам од нив. Ме натера да го гледам светот поинаку, запознав многу луѓе. Пливањето ме научи на дисциплина, ми покажа колку треба да се жртвуваш за да успееш, ме научи на многу животни лекции кои не би ги научил на друго место или толку рано. За мене, пливањето значи еден од најголемите благослови во мојот живот“, вели Марко.
С. ВРЕНЦОВСКА