Озлогласениот напаѓач на тениската ѕвезда Моника Селеш починал на 68 години. Гинтер Пархе, кој бил опседнат со Штефи Граф, ја прободе Селеш во грбот за време на нејзиниот меч со Магдалена Малеева во 1993 година.
Според германскиот весник „Билд“, Пархе починал уште во ноември минатата година во дом за нега во Нордхаузен. Тој ги поминал последните 14 години во оваа установа, каде што наводно живеел во една соба.
Пархе почнал силно да ја мрази Селеш откако таа ја победи Граф во финалето на Ролан Гарос во 1990. Неговата омраза дополнително се засилила откако Селеш стана светски рекет број еден следната година.
Тој ја дочекал својата шанса да ѝ се одмазди на Селеш на турнирот во Хамбург, каде што во пауза меѓу два гема ја прескокна оградата и ја рани со нож во грбот. Пархе веднаш беше фатен од обезбедувањето, додека Селеш беше пренесена во болница.
Иако призна дека сакал да ја повреди Селеш, Пархе избегна затвор и беше осуден само на двегодишна условна казна. Пархе, кој беше опишан како ментално неурамнотежен осаменик, ја доби истата казна и на повтореното судење.
Селеш успеа да заздрави од нападот и се врати на терените две години подоцна, по што го освои Отвореното првенство на Австралија во 1996.