Велшкиот град Рексам експлодираше од радост откако истоимениот клуб го победи Борхем Вуд со 3:1 и се пласираше во четвртата англиска лига. Натпреварот привлече големо внимание во Велика Британија и пошироко, бидејќи Рексам е во сопственост на холивудските актери Рајан Рејнолдс и Роб Мекелхени, со чија поддршка успеа да се пласира во Лига 2 по цели 15 години. Покрај нив, мечот од трибините го следеше и ѕвездата на „Ент-Мен“, Пол Рад.
И славните сопственици и фановите плачеа од радост откако Рексам конечно се врати во професионалниот ранг на натпреварување.
„Можеме да слушнеме како се чувствува градот сега. Мислам дека се случува катарза“, изјави Мекелхени.
Основан во 1864 година, Рексам е шестиот најстар фудбалски клуб на светот, односно трет во професионалниот фудбал, но едвај преживуваше и се најде на раб на исчезнување поради големите долгови. Неговата среќа се промени откако пред две и пол години доби понуда од најнеочекуваното место – Холивуд, што, колку и да изгледаше несериозно, беше прифатено од фановите, во чија сопственост беше клубот во претходните десет години. Со најава дека ќе го претворат Рексам во „глобална сила“, Рејнолдс и Мекелхени ја комплетираа зделката во февруари 2021 и потоа почнаа со неговата трансформација, што беше проследено со документарната серија „Добредојдовте во Рексам“.
„Луѓето во почетокот ме прашуваа ‘Зошто Рексам?‘ Еве, токму поради ова што се случува во моментов. Не сум сигурен дека можам да го сварам ова што се случува вечерва. Немам зборови“, кажа Рејнолдс додека прославуваше со фановите на теренот.