„ЛУФТХАНЗА“ ПОЧНА ДА ЛЕТА ОД СКОПЈЕ ЗА ФРАНКФУРТ

    „ЛУФТХАНЗА“ ПОЧНА ДА ЛЕТА ОД СКОПЈЕ ЗА ФРАНКФУРТ„Луфтханза“ ќе лета од Скопје до Франкфурт десет пати неделно. (Фото: МИА)

    Од денеска, од Меѓународниот аеродром Скопје ќе лета германската авиокомпанија „Луфтханза“. Првиот авион од Франкфурт на скопскиот аеродром беше пречекан со свеченост и традиционално прскање со вода, а го пречекаа министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, германската амбасадорка во земјава Петра Дрекслер, генералниот директор на ТАВ Македонија Метин Батак и регионалниот директор на групацијата „Луфтханза“ Петер Пулем.

    „Луфтханза“ ќе лета од Скопје до Франкфурт десет пати неделно. Преку Франкфурт, патниците од земјава ќе може да се поврзат со повеќе од 200 дестинации во повеќе држави во Европа и светот.

    Новата авиолинија од Скопје до Франкфурт се реализира со субвенции од Владата. Авиокомпанијата објави дека ќе лета за Скопје уште пред да биде објавен повикот за субвенционирање на нови авиолинии.

    Покрај „Луфтханза“, субвенции за нови авиолинии доби и унгарски „Виз Ер“. Од 1 ноември ќе бидат воведени летови од Скопје до Луксембург, Штутград, Салцубург и до Љубљана. „Виз Ер“ ќе ги опслужува овие нови дестинации три пати неделно.

    Финансиската поддршка за новите летови изнесува седум евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од Меѓународниот аеродром Скопје.

    Министерството за транспорт и врски во својот буџет годинава има предвидено 1,1 милион евра за субвенционирани летови, а вкупно пет милиони евра за тригодишната програма. Ако се процени дека има потреба, како што најавија претходно од овој ресор, до крајот на годинава ќе биде објавен нов повик.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира