КАЈАКАРСТВОТО ПО ЦРН ДРИМ ВО СТРУГА АТРАКЦИЈА ЗА РАЗВОЈ НА АЛТЕРНАТИВНИОТ ТУРИЗАМ

    КАЈАКАРСТВОТО ПО ЦРН ДРИМ ВО СТРУГА АТРАКЦИЈА ЗА РАЗВОЈ НА АЛТЕРНАТИВНИОТ ТУРИЗАМСпустот се состои во низводно веслање по целото течение на реката, од излезот на Струга до селото Глобочица во должина од 19,5 км. (Фото: СДК.МК)

    Кајакарскиот спуст по реката Црн Дрим е нова атракција во Струга последниве години која го развива алтернативниот туризам и ја збогатува струшката туристичка понуда.

    Спустот се состои во низводно веслање по целото течение на реката, од излезот на Струга до селото Глобочица во должина од 19,5 км поминувајќи низ несекојдневни диви предели покрај селата Враништа, Ложани, Добовјани и Ташмаруништа, опколени од планините Караорман и Јабланица.

    Идејата со која се промовира уште една природна атракција на струшкиот регион привлекува многу туристи претежни домашни, велат од спортско-рекреативното друштво „Соларис“, организатори на турата.

    „Успешната сезона минатата година, во која 400 туристи го искусија кајакарскиот спуст, ни даде еден поинаков мотив, едни поинакви очекувања за оваа година. Подготвени сме, го зголемивме и пловниот капацитет и сега имаме преку 20 пловила кои можат да се вклучат во турата“, вели Коста Хиохи, основач на спортско-рекреативното друштво „Соларис“.

    „Мора повеќе да се вложува во овој вид на туризам оти може да се добие многу“,  вели Хиохи. (Фото: СДК.МК)

    Покрај кајакарењето, Струга за граѓаните и туристите ќе нуди и сафари со моторни чамци, спортска ориентација како и тим-билдинзи за домашните и странските фирми кои покрај рекреативниот дел ќе развиваат и заедничкиот дух преку натпреварувачки активности.

    „Конечно започнавме и ние да се одалечуваме од оној конвенционален туризам и да посегнуваме по услугите на алтернативниот кој нуди повеќе адреналин, нуди поголема забава. Плажа, сонце и критериум четири пати да се излупиш е навистина демоде. Алтернативниот туризам е многу поинтересен, нуди поголема забава, многу поголема социјализација“, вели Хиохи.

    Според него алтернативниот туризам во светски рамки обезбедува многу поголем внос на капитал во општините, во државите каде што се реализира но кај нас, како што вели, сѐ уште страмежливо се промовира од страна на релевантните институции.

    „Мора истите многу повеќе да вложуваат во овој вид на туризам оти навистина нема што да изгубат само можат да добијат многу“,  вели тој.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира