15 ДИРЕКТОРИ СЕ РАЗРЕШЕНИ ИЛИ САМИ СИ ДАДОА ОСТАВКИ ЗА ГОДИНА И ПОЛ МАНДАТ НА АРСОВСКА

15 ДИРЕКТОРИ СЕ РАЗРЕШЕНИ ИЛИ САМИ СИ ДАДОА ОСТАВКИ ЗА ГОДИНА И ПОЛ МАНДАТ НА АРСОВСКААрсовска со директорката на „Комунална хигиена“ Косана Мазнева и ексдиректорот на „Водовод“ Марјанче Митовски. (Фото: К. Попов)

Градоначалничката Данела Арсовска за година и пол од мандатот смени 15 директори на јавните претпријатија и институции. Арсовска разреши 7 директори кои таа ги постави на функцијата, а 8 сами си дадоа оставки. Двајца директори ги префрли од едно во друго јавно претпријатие.

Арсовска стана градоначалничка на Скопје откако на локалните избори во 2021 како кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ и поддржана од Алијанса за Албанците го победи тогашниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов од СДСМ. Арсовска на функција стапи на 8 ноември и за кратко време, како што е пракса со сите претходни градоначалници, ги смени сите директори поставени од Шилегов и назначи нови, претежно кадри на ВМРО-ДПМНЕ, а едно директорско место доби Алијанса за Албанците.

Праксата на смени на челните позиции почна од ЈП „Градски паркинг“, каде само десет дена откако за в. д. директор го назначи Филип Пасху го смени и на негово место го стави Бојан Христовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Прв оставка од функцијата си даде директорот на ЈСП „Скопје“ Иван Илиевски во мај лани, само 5 месеци откако стапи на функцијата. На негово место потоа Арсовска го назначи Александар Стојковски.

На почетокот на јули градоначалничката го разреши директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Зуди Енуз, по инцидентот на Плоштадот Скендер бег, кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски обвини дека вооружено лице сакало да го убие за време на протестот против францускиот предлог, а станува збор за Цуфи Кока, брат на директорот Енуз Кока. По ова, Алијанска за Албанците ја прекина соработката со Арсовска. За нова директорка на „Комунална хигиена“ беше назначена Косана Мазнева, која сè уште е на функцијата.

Две недели потоа, Арсовска го разреши и директорот на Зоолошката градина Христијан Стаменов, бидејќи во градината уби 12 коњи и една мазга. Еден месец Арсовска бараше замена за Стаменов, по што за в. д. директор го постави Драган Илиевски.

Во септември лани почна официјалната кавга меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ со разрешувањето на Златко Перински од директорското место во „Водовод и канализација“. Арсовска рече дека го фатила Перински со „рацете во мед“ односно дека сакал да го мести тендерот за пречистителната станица за отпадни води, а од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека таа сака да го намести тендерот во полза на турската фирма. На местото на Перински за в. д. директор го назначи Марјанче Митовски.

Неколку дена потоа, следуваат оставките на директорските кадри на ВМРО-ДПМНЕ односно оставки си поднесоа директорите на ЈП „Градски паркинг“ Бојан Христовски, на „Дрисла“ Јане Мицевски, на „Улици и патишта“ Борис Настов, на „Паркови и зеленило“ Ангеле Сотировски, на „Лајка“ Воислав Димитровски и на ЈСП „Турс“ Филип Василевски. Сите рекоа дека Арсовска воопшто не комуницирала со нив и не е заинтересирана за градот.

По групните оставки, Арсовска во ЈП „Лајка“за  в. д. директорка ја назначи активистката за заштита на животните Радмила Пешева, во „Градски паркинг“ Крсте Петревски од ГРОМ, а во „Дрисла“ Александар Кузинаков. Со новите смени директорски места добиваат кадри на ДУИ и тоа во „Улици и патишта“ за в. д. директор е назначен Саид Саид и во „Паркови и зеленило“ Зухејр Реџепи.

Во јануари годинава, Арсовска повторно стави нов директор на „Водовод“, што е трет за една година. Го разреши Митовски, а на негово место дојде директорот на Зоолошка Драган Илиевски. И Зоолошка добива трет директор, односно Зоран Попов кој дојде во градината како дел од тимот на Илиевски.

Истиот ден градоначалничката го разреши и директорот на Младинскиот културен центар (МКЦ) Ванчо Богоев и на негово место го назначи Никола Алексов.

Пред 20 дена, трет директор доби и ЈСП „Скопје“. Арсовска не му го продолжи договорот на Александар Стојковски и на негово место го назначи директорот на „Градски паркинг“ Крсте Петревски. Со неговото преминување во сообраќајното претпријатие, „Градски паркинг’ доби четврти директор, Михаил Петровски.

Арсовска во април за првпат даде менаџерски договори од 4 години и тоа на кадрите на ДУИ Саид и Раџепи. Но, само две недели од добивањето на менаџерскиот договор, директорот на „Паркови и зеленило“ на 30 април си поднесе оставка.

Со сите овие разрешувања и оставки, ниту еден директор не останал на функција од почетокот на мандатот на Арсовска, па досега.

А. АНТЕВСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира