Руралните општини од Тетовскиот регион ќе добијат противпожарни станици. Во моментов Пожарната од Тетово освен што е задолжена да интервенира во Општина Тетово, ги опслужува и преостанатите пет Општини од Тетовскиот Регион и тоа и претставува голема потешкотија за брзо и навремено интервенирање. Така, ако избие пожар во село Јажинце кое се наоѓа на речиси 30 километри од Тетово, на возилата од Пожарна им требаат најмалку 40 минути за да стасаат на местото на пожарот. Поради ова повеќе години наназад постои идеја за отворање на подстаници на Противпожарната единица во неколку села од Тетовскиот регион. Таква одлука конечно се донесе на последната седница на Советот на Општина Тетово.
„Едната подстаница ќе се формира за да ги опслужува Општините Теарце и Јегуновце во северозападниот дел од регионот. Втората ќе биде за Општините Брвеница и Боговиње, а третата ќе биде во Општина Желино. Со ова работата на пожарникарите ќе биде далеку поефикасна, ќе се интервенира многу побрзо при пожари, но и при други елементарни непогоди“, вели Бесар Дурмиши, претседавач на Советот на Општина Тетово.
Ваквата територијална распределба сепак нема да значи и нови вработувања на пожарникари, бидејќи во овие подстаници ќе се ангажираат дел од постоечките пожарникари од тетовската станица.
„Нема да има нови вработувања. Дел од вработени пожарникари од тетовската Противпожарна единица ќе се преместат и распоредат во овие подстаници. Противпожарната едницина од Тетово во овој момент има над 100 пожарникари од кои 85 се вработени на неопределено време а останатите се со договор за дело. Општините каде ќе бидат отворени подстаниците ќе имаат обврска да им даваат плати на пожарникарите кои таму ќе работат“, појаснува Дермиши.
Тетовските пожарникари годишно имаат од 600 па до 800 интервенции од кои голем дел се во селата од Тетовскиот Регион.
З.АНДОНОВ