Со пари од Европската унија во рамките на Проектот за локална и регионална конкурентност, винаријата „Лазар“ отвори сместувачки капацитети во близина на археолошкиот локалитет Стоби, каде што е производството на вино. Во реализацијата на овој проект заподобрување на придонесот на туризмот кон локалниот економски развој се вложени 201.101 евро, од кои 100.473 евра од Европската Унија и Владата, а 100.628 евра се средства инвестирани од страна на сопствениците на винаријата.
Проектот чија цел е земјава да се најде на мапата на европскиот вински туризам опфаќа реконструкција и опремување на 6 апартмани, реконструкција на кујна, ресторан и летна тераса, набавка на опрема за кујна и ресторан со капацитет за опслужување на 50 посетители, реконструкција на продавница за вино, традиционална храна и сувенири, партерно и хортикултурно уредување во околината и поставување на патокази лоцирани на клучката на влез и излез од автопатот „Пријателство“. Со тоа сега престојот во винаријата „Лазар“ може да опфати дегустација на нивните вина преку винска едукација, искомбинирано со сместување во истиот објект.
„Општ светски тренд е винариите да овозможат љубителите на вино да можат да ги дегустираат вината на местото каде што се создаваат. Во време на глобализација и доминација на големи системи и индустриски производители, навистина е тешко малите артисан производители да имаат можност да допрат до пазарот. А кога на тоа ќе се додаде општата конфузија со ковид, нашата инвестиција во вински туризам беше вистински погодок. Без лажна скромност, можеби и спасоносна за нашата винарија, поради тоа што нашата продажба беше 90% во хорека-синџирот, односно во ресторани и хотели. Ограничувањата во време на ковид значеа и енормно намалување на нашата продажба. Со отворањето на ресторанот и хотелот искрено сметам дека беше нашиот спас од банкрот. А од друга страна овозможивме огромен број на консументи на вино да нè пробаат на лице-место и да станат наши верни клиенти. Имиџот и квалитетот на нашата компанија се подигнаа и се проширија и тоа овозможи одлична континуирана продажба и по ковид-периодот. Сега веќе размислуваме за проширување на нашата туристичка понуда, како и за зголемување на производството на вино“, вели Лазар Ристов, менаџер и сопственик на винаријата „Лазар“.
Од винаријата велат дека инвестициите во овој проект придонесоа не само да се подобри пазарната позиција на оваа винарија, туку и да се збогати туристичката понуда во Тиквешкиот регион кој е познат вински регион, за кој во последно време има значително зголемување на интересот на странските, но и на домашните туристи. А тоа на крај, секако, води кон зголемување на потенцијалот за локален економски развој. Инвестиции од ваков вид директно влијаат и на зголемувањето на винската култура и поставување на земјава на мапата на вински туризам.
Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК) беше проект финансиран од ЕУ насочен кон подобрување на придонесот на туризмот кон локалниот економски развој.