14-ГОДИШНИОТ КОСТА ЕДЕН МЕСЕЦ ГО ПЛАНИРАЛ НАПАДОТ И САМИОТ ВИКНАЛ ПОЛИЦИЈА ОТКАКО УБИ ДЕВЕТМИНА ВО ОСНОВНО УЧИЛИШТЕ ВО БЕЛГРАД

    14-ГОДИШНИОТ КОСТА ЕДЕН МЕСЕЦ ГО ПЛАНИРАЛ НАПАДОТ И САМИОТ ВИКНАЛ ПОЛИЦИЈА ОТКАКО УБИ ДЕВЕТМИНА ВО ОСНОВНО УЧИЛИШТЕ ВО БЕЛГРАДМотивот на нападот останува непознат (Фото: АП)

    Четиринаесетгодишниот Коста К. самиот се јавил во полиција откако утрово со пиштол уби осум деца и еден чувар во основно училиште во центарот на Белград, по што беше уапсен, изјави началникот на белградската полиција, Веселин Милиќ. Во Србија е прогласена тридневна жалост, почнувајќи од петок.

    Милиќ кажа дека ученикот еден месец го планирал нападот, но мотивот останува непознат. Пиштолот со кој пукал му припаѓал на татко му, а во ранецот донесол и четири молотови коктели.

    „Тој имал список на деца кои планирал да ги ликвидира. Самиот го направил планот на влезовите и излезите во училиштето и, како што кажа, ги одредил приоритетните мети. Скицата изгледа како од видеоигра или хорор филм. Тој составил редослед на децата кои сакал да ги убие“, изјави Милиќ.

    Трагедијата каква што не се памети во регионот почнала во 8:30 часот, кога седмоодделенецот Коста прво го застрелал чуварот кој се обидел да го смири, а потоа убил три девојчиња во ходникот. Крвавиот поход го продолжил во кабинетот по историја на првиот спрат, каде што прво пукал во наставничката, а потоа убил пет деца и ранил уште шест. Лекарите и натаму се борат за животите на наставничката и една ученичка, која била застрелана во глава, јавуваат српските медиуми.

    „Операцијата заврши, беше многу тешка. Девојчето има тешки повреди на мозокот и животно е загрозено“, изјави директорот на Детската клиника, Синиша Дучиќ.

    Децата од училиштето „Владислав Рибникар“ во централната општина Врачар тврдат дека Коста бил одличен ученик, но тивок и повлечен. Често учествувал на школски натпреварувања и во училиштето го викале бубалица. Неофицијално, неодамна добил единица по историја, што го изнервирало, а другарите го задевале за тоа.

    Коста, исто така, наводно бил жртва на врсничко малтретирање, поради што бил префрлен во друг клас, каде што тоа продолжило. Според директорот на училиштето, тој не покажувал емотивни проблеми.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира