Претставата „Ревизор“ од Гогољ, во режија и адаптација на Андреј Цветановски, премиерно ќе се изведе вечерва во 20 часот во Театар Комедија.
Според Цветановски, „Ревизор“ зборува за малограѓанштината не како географска одредница, туку како состојба на духот.
„Зборува за стравот од нешто повисоко и за расипаноста на оние кои го обожуваат врховното божество, власта. Гротеска на односот на граѓаните кон власта и нивната заслепеност од сјајниот костум на Петербург. Оваа претстава зборува за човековиот страв од власта и потребата од моќ кои како појави се појавуваат во овој систем и го јадат одвнатре до точка од која нема враќање.Дали сите се наоѓаме во оваа приказна? До кога ќе живееме во свет во кој моќта претставува основна човечка карактеристика? И она најважното… Сите ли сме си наши?“, вели режисерот.
Играат: Тони Денковски, Сергеј Димоски, Виктор Арсов, Жаклина Стевковска-Дрнасин, Жаклина Петровска-Милјановска, Едмонд Сотир, Илија Илиоски, Столе Мицов, Јаков Спасов, Ангела Стојановска, Марија Кондовска и Христијан Поп Симонов.
Сценограф е Сергеј Светозарев, а костимите се на Ивана Каранфиловска.
Б. НЕСТОРОСКА