НА ВРВОТ ВРТЕШКА НА ПЕЛИСТЕР УМОТ СЕ ВРТИ ОД УБАВИОТ ПОГЛЕД КОН ПЕЛАГОНИЈА И ПРЕСПА

    НА ВРВОТ ВРТЕШКА НА ПЕЛИСТЕР УМОТ СЕ ВРТИ ОД УБАВИОТ ПОГЛЕД КОН ПЕЛАГОНИЈА И ПРЕСПАСо еден панорамски поглед лево се гледаат Пелагонија со Битола, напред Пелистерските врвови, а десно двете Преспански Езера.(Фото: СДК.МК)

    Не попусто љубителите на природата и планинарењето се качуваат по два до три часа по стрмна патека за да стигнат до манастирот „Свети Спас“ над село Маловиште на Пелистер на надморска височина од 1.910 метри, па и на погорниот врв Вртешка (Пирамида) на 2.010 метри, од каде се протега спектакуларен поглед на југозападниот дел од Македонија. Со еден панорамски поглед лево се гледаат Пелагонија со Битола, напред Пелистерски Врвови, а десно Големо и Мало Преспанско Езера. Непосредно пред храмот, на карпите, на отворено поставена е и камбанарија, една од најфотографираните обележја на Пелистер, а адет е кој и да се искачи таму да го удри ѕвоното.

    „Манастирот ‘Свети Спас’ ни е заштитник на селото, посветена на Христовото воскресение, празникот го менува датумот, но не и денот. Секогаш се слави во четврток, 40 дена по Велигден. Колку селото и да се празни со жители, секогаш е полно на тој ден“, велат жители од Маловишта, единственото населено место во рамки на Националниот парк „Пелистер“.

    Патеката е долга три километри и се минува со одење пеш два до три часа во зависност од кондицијата, а горе веднаш до манастирот на планинските временски услови кои често се и сурови, му пркоси засолништето налик на своевиден планинарски дом кој го подигна Полициско-спортскиот планинарски клуб „7 Мај“ од Битола. Намерниците таму можат да се засолнат и одморат. Го подигнаа пред 13 години, носејќи материјали на грб со часови по стрмнините нагоре низ Пелистер.

    Непосредно пред храмот, на карпите на отворено поставена е и камбанарија, една од најфотографираните обележја на Пелистер, а адет е кој и да се искачи таму да го удри ѕвоното. (Фото: СДК.МК)

    „Засолништето во првиот момент беше идеја на дел од членовите на ‘7 Мај’, во прв ред на Милош Јованчевски, Стојан Митковски и Љупчо Ѓоревски, кои од идеја до финализација учествуваа во сите активности. Да не се заборават жителите на Маловишта кои заедно со планинарите несебично, со луѓе, коњи, работна рака и материјал учествуваа во изградбата“, каажува Стевче Митревски, планинар и претседател на „7 Мај“.

    Потоа клубот заедно со други поддржувачи го опремија засолништето. Тоа придонесе многу љубители на планината да се искачат на „Св. Спас“, како и на врвот Вртешка, бидејќи и да бидат затекнати од невреме има каде да се засолнат.

    Стрмна патека . (Фото: СДК.МК)

    „Тестот на времето, овој објект го положи со чиста десетка. Но, би сакале да ги замолите постетителите кога ќе го напуштат објектот да го остават чист и среден, за кога некој друг намерник ќе го користи да биди задоволен од редот во него“, вели Митревски.

    По текот на патеката има три чешми со питка вода.

    „Понекогаш, по некој од несовесните посетители  ќе ја растурат чешмата под манастирот, но ние повторно ја доведуваме во употреблива состојба. Како членови на клубот го посетуваме засолништето најмалку неколку пати во сезоната, па на тој начин, ако има некој недостаток, се трудиме да го отстраниме“, додаваат од „7 Мај“.

    Патеката е долга три километри и се минува со одење пеш два до три часа во зависност од кондицијат. (Фото: СДК.МК)

    Ова е најтешката патека од Маловиште, преку место викано Мал одмор, па до „Свети Спас“, но возможно е и движење преку други две. Едната од нив води преку манастирот „Св. Ана“, седло викано Чунот, под Мала Чука до „Св. Спас“ што се минува со пешачење од три до четири саати. И третата патека, преку која се организира планинарскиот марш „Бранители“, почнува од превојот Ѓавато, па преку по земјен пат кој го користи Националниот парк „Пелистер“. По овој пат има и најмногу искачување, околу 800 метри надморска висина.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира