Бројот на вработени во Технолошките индустриски развојни зони (ТИРЗ) во април повторно бележи раст и изнесува 16.700. Тоа е за 15% повеќе од април 2022, односно 20% повеќе од 2021, соопшти директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски.
Годишната анализа на ТИРЗ покажува дека компаниите во зоните уплатиле 35% повеќе средства во Буџетот на државата во 2022 споредено со 2021. За 1 евро исплатено од државата како субвенција, компаниите назад во Буџетот враќаат најмалку 4 евра. Податоците во анализата, направена врз база на завршните сметки од компаниите, покажуваат и дека тие оствариле ниво на нето добивка за 10% повисоко споредено со претходната година, од која исто така дел влегува во Буџетот. Корисниците на ТИРЗ регистрираат пораст на нето платата од најмалку 13% во однос на 2022, што е повисоко и од растот на нето платата во националната економија.
Само од почетокот на годинава во компаниите во ТИРЗ се вработени 500 кадри.
„Продолжува и растот на извозот кој заклучно со април достигна 1.23 милијарди евра. Само во април, компаниите во ТИРЗ реализирале извоз од 277 милиони евра, што е за 12% споредено со април минатата година. И увозот во првите четири месеци од годинава достигна над 1 милијарда евра. 250 милиони евра увоз оствариле компаниите во ТИРЗ само во април, што е на исто рамниште со април 2022 година. Поради ваквите економски движења продолжува и позитивниот тренд на раст кај нето извозот кој заклучно со април е 20,5%.”, велат анализите на ТИРЗ.
С. К. ДЕЛЕВСКА