ОД УТРЕ ЌЕ ИМА ПОЛИЦИЈА ВО СИТЕ ШКОЛИ ВО СРБИЈА

    ОД УТРЕ ЌЕ ИМА ПОЛИЦИЈА ВО СИТЕ ШКОЛИ ВО СРБИЈАОсвен во училишните зони, во наредниот период ќе се зголеми ангажманот на полицајци на сите јавни места каде што се собираат голем број граѓани - на плоштади, улици, железнички и автобуски станици, спортски настани. (Фото: ТАНЈУГ)

    Во сите училишта во Србија од утре, од 8 часот до крајот на наставата, ќе бидат присутни полициски службеници кои ќе делуваат превентивно, изјави државниот секретар во МВР Данило Стевандиќ. Стевандиќ рече и дека МВР годинава ќе вработи 1.200 нови полицајци.

    „Веќе утре од осум часот, пред почетокот на наставата, во сите училишта во Србија, а ги има околу 1.800, до крајот на наставата ќе бидат присутни полициски службеници, кои ќе делуваат како превентивна мерка за спречување да се појават прекршоци и да се спречи тие да се направат“, рече Стевандиќ. „Посебен акцент ќе ставиме на учениците во сообраќајот во училишните зони, како и на откривањето огнено оружје, психоактивни супстанции…“, рече тој.

    Тој додаде дека во Белград има 331 училиште и околу 140 училишни полицајци кои се ангажирани да бидат во училиштата. Тој нагласи дека освен во училишните зони, во наредниот период ќе се зголеми ангажманот на полициски службеници на сите јавни места каде што се собираат голем број граѓани – на плоштади, улици, железнички и автобуски станици, спортски настани.

    „Една од мерките е да се изврши разоружување, и да се упати јавна покана до сите лица кои живеат на териториите на Република Србија, таквото оружје да го донесат во најблиската полициска станица. Министерот Гашиќ вчера издаде наредба која се однесува на предавање на нерегистрирано оружје и муниција. И од утре, до 8 јуни, може да го предадат во најблиската полициска станица, без правни последици“, рече Стевандиќ.

    Тој објасни дека е неопходно да се направи разлика помеѓу легализација и предавање на оружјето.

    „Станува збор само за предавање, без обесштетување. Она што е важно да се знае е дека треба да се донесе расклопено, а не веднаш функционално. Тоа е пропишано со закон. Во футрола и расклопено“, рече тој.

    Оваа одлука е донесена по страшниот масакр во белградската населба Врачар на 4 мај, кога во основното училиште „Владислав Рибникар“ 14-годишен ученик застрела 8 деца и член на обезбедувањето. Основците од „Владислав Рибникар“ од 10 мај ќе се враќаат на настава во циклуси, а за тоа училиште е подготвен посебен план како одговор на кризата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира