Во новата учебна година од септември ќе има повеќе протоколи за безбедноста во училиштата, најави денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири, додавајќи дека ќе има и повеќе прирачници, ќе се разгледа и воспитната програма, работата на центрите за социјална работа.
Мерката следи по масовните пукања во Белград и околината на Младеновац во Србија, во кои беа убиени вкупно 17 лица. Убијците се 14-годишен ученик и 20-годишник.
Министерството за образование и наука (МОН) продолжува со состаноци со надлежни институции кои треба да проценат кои се ризиците од употребата на мрежата ТикТок за учениците за да се заклучи дали треба да се ограничи нејзиното користење. За безбедноста во училиштата ќе има интензивни состаноци со вклученост на педагози, психолози и родители.
„Денеска ќе продолжиме со состаноци со институциите кои треба да проценат кои се потенцијалните ризици од употребата на ТикТок мрежата, какви материјали содржи и начинот како ја употребуваат учениците во основно и средно образование“, кажа министерот по отворањето на конференцијата за италијански јазик во Ректоратот на УКИМ.
Според Шаќири, институциите за безбедност треба да проценат колку е лош материјалот на ТикТок, со оглед и на неколку видеа од ученици за кои постапува МВР. Посочи дека тука ќе се вклучат Министерството за информатичко општество и администрација и Агенцијата за електронски комуникации, како и други институции од ИКТ-секторот за да се разгледаат начините на употреба на оваа апликација.
„Ако можеме од институциите за информатика да имаме конкретни ограничувања во начинот на отворање, внесување податоци, ќе ги разгледаме сите можности“, рече Шаќири, додавајќи дека за препораки во однос на овие содржини се размислува и во други земји.
Нагласи дека треба и сите институции да се координираат и да разменуваат информации – министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика, секторите за образование по општини.
„Ќе се разгледува и како стоиме со кадарот – психолози, педагози. Некаде има по двајца, но бројот на ученици е различен по училишта. Ќе имаме анализа за тоа што може да придонесе севкупниот број на стручниот кадар во училиштата – основни или средни, и тие заедно да соработуваат во препораките. Според информациите што ги добивам, некои од училиштата почнаа со редовни состаноци, итни состаноци, состаноци со родители. Покрај со класните наставници, ќе почнат и со психолози и педагози, кои досега постапуваа само за одредени случаи“, додаде министерот.
Министертвото на 5 мај ги објави електронските адреси [email protected]k и [email protected] за пријавување на врсничко насилство, и за два дена пристигнаа десетина пораки. Дел од нив се однесуваат на врсничко насилство, а има и од поранешни професори, со сугестии како да се превенира и намали насилството меѓу децата и младите од училишна возраст.
Б. НЕСТОРОСКА