Најверојатно ќе се успее во напорот првиот екстерен испит од државната матура да се полага на 27 мај, како што и е планирано, соопшто Сојузот на средношколци.
Синдикатот на Државниот испитен центар (ДИЦ) штрајкува веќе трета недела, со што е неизвесно полагањето на државната матура, најавена за 27 мај и 10 јуни, а 0д тоа зависат уписите на матурантите на факултетите во земјава и во странство. Синдикатот и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вчера не се договориле во врска со нивните барања за покачувања на платите и остануваат во штрајк. Синдикатот на 8 мај кажа дека воопшто не е изводливо дека првиот испит ќе се полага на 27 мај.
Ако не се одржи државната матура, вели Сојузот на средношклци, ќе се создадат огромни проблеми за оваа генерација матуранти кои планираат да студираат во високото образование. Можното неодржување на државната матура најмногу ќе им наштети на матурантите кои планираат да студираат во странство, а според анализите, овој број изнесува 12 отсто од секоја една генерација.
„Одржувањето на државната матура е законска обврска и оттука македонската држава е должна истата да ја спроведе во законски предвидениот рок. Правото на штрајк е секако уставно загарантирано, но правото на образование исто е дел од Уставот. Законот за средното образование го смета одржувањето на матурскиот испит на крајот од секоја учебна година за должност на институциите. Токму затоа ја потсетуваме јавноста на нашиот ангажман во месец март за соодветно адаптирање на државната матура во интерес на сите средношколции го повторуваме нашиот апел возрасните да не ја доведуваат иднината на овие матуранти под прашање.
Сојузот на средношколци ги известува матурантите и целокупната јавноста дека, според информациите со кои располагаме, ќе се полага на 27 мај. Апелираме на разумност и сериозност и ги повикуваме надлежните државната матура да ја одржат во веќе одредените рокови“, вели Сојузот на средношколци.
- ИНСИСТИРАМЕ ДРЖАВНАТА МАТУРА ДА СЕ ОДРЖИ НА ПРЕДВИДЕНИТЕ ДАТУМИ, УЧЕНИЦИТЕ ДА БИДАТ КОНСУЛТИРАНИ ЗА СЕКОЈ НОВ ПРЕДЛОГ, ВЕЛИ МОН
- МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ ГО ИГНОРИРА ШТРАЈКОТ НА ИСПИТНИОТ ЦЕНТАР ОД КОЈ ЗАВИСИ УПИСОТ НА МАТУРАНТИТЕ
- ВООПШТО НЕ Е ИЗВОДЛИВО ПОЛАГАЊЕТО НА ДРЖАВНА МАТУРА НА 27 МАЈ, ВЕЛИ СИНДИКАТОТ НА ИСПИТНИОТ ЦЕНТАР КОЈ ШТРАЈКУВА ТРЕТА НЕДЕЛА
Министерството за образование и наука (МОН) вчера апелираше до раководството на Државниот испитен центар и до членовите на Државниот матурски одбор целосно да се испочитуваат дефинираните рокови, во интерес на матурантите.
„Изразуваме целосно разбирање и даваме поддршка на вработените во Државниот испитен центар за надминување на предизвикот со кој се соочуваат. Правото на синдикално организирање за остварување на одредени права е неспорно, но сепак, тоа не смее да биде на штета на учениците, кои треба да бидат консултирани за било каков нов предлог околу полагањето на државната матура. Дијалогот помеѓу ДИЦ и Министерството за финансии треба да продолжи до изнаоѓање на конечно решение, но истовремено, неопходно е да продолжат и процесите кои ги засегаат матрантите“, вели Министерството.
Од штрајкот се засегнати 15.620 матуранти кои се пријавени за 27 мај и на 10 јуни да ги полагаат двата екстерни испита. Исто така, стопирано е и меѓународното тестирање ТИМСС, со кое се мерат постигнувањата на учениците по математика и природна група предмети (природни науки, физика, хемија, биологија). Тестирањето почна на 3 април и опфаќа околу 4.900 ученици во 150 основни училишта.
Претседателката на Синдикатот Емилија БошковскаБошковска кажа дека се повлекуваат од јавни обраќања и дека одговорите на прашањата и на медиумите, и на јавноста и на учениците, во врска со нивното барање за повисоки плати и за полагањето на државната матура ќе треба да се бараат во надлежните институции, пред сѐ во Министерството за финансии.
Од Министерството за финансии вчера ни рекоа дека во врска со барањето на вработените во Државниот испитен центар за измени на Колективниот договор упати до нив предлог решенија кои овозможуваат раст на платите на вработените. Се предлага решение со кое платите на вработените во ДИЦ да се усогласат со платите на административните службеници согласно Законот за административни службеници и законските прописи во Македонија.
Б. НЕСТОРОСКА