Просторот околу зградата на поранешнaта фирма „Технометал-Вардар“ во најстрогиот центар на Скопје конечно е исчистена. Повеќе од една година овој простор беше претворен во депонија, откако зградата ја купи фирмата „Буши фешн“ за да се гради хотел.
Откако почнаа градежните работи плочникот беше затрупан со ѓубре, градежни материјали и насекаде имаше расфрлено искршени стакла. Целиот објект исто така беше небезбеден, со искршени прозорци и ѓубре во него. Градежен шут се фрлаше од зградата на улица Македонија додека низ неа минуваа граѓани.
„Сопственикот на објектот ‘Буши фашн‘ започна со постапување по решението од Општина Центар и го расчистува просторот од некогашната компанија за трговија со мермер, челик, обоени метали и неметали, опрема, машини. Општина Центар неколкупати досега го казни сопственикот, по што му наложи самостојно да ја расчисти депонијата и секојдневно да ја одржува хигиената“, велат од Општина Центар.
Од Општината велат дека Секторот за инспекциски работи на Општина Центар во февруари преку Решение го задолжи сопственикот да исчисти и постапи во законски предвиден рок. Решението за расчистување секторот го издаде поради спречување за создавање еколошка катастрофа предизвикана од секојдневно собирање купишта отпад создаден од кршење на инвентарот и екстериерот на огромната бетонска зграда.
Минатата година во овој објект избувна пожар, а неколкупати досега жителите од околните згради пријавуваат и кражби.
Општина Центар најавува дека Секторот за инспекциски работи и во наредниот период ќе продолжи со инспекциски контроли преку инспекцијата за животна средина за да не се повтори грдата слика и нарушувањето на мирот на станарите.
А. АНТЕВСКА