УАПСЕНИ ДВЕ ЛИЦА КОИ СИНОЌА ВЛЕГЛЕ СО БАГЕР И ПОЧНАЛЕ НА ДИВО ДА ГРАДАТ ПАРКИНГ ВО ПОЛИКЛИНИКАТА „БИТ ПАЗАР“ ВО СКОПЈЕ

    УАПСЕНИ ДВЕ ЛИЦА КОИ СИНОЌА ВЛЕГЛЕ СО БАГЕР И ПОЧНАЛЕ НА ДИВО ДА ГРАДАТ ПАРКИНГ ВО ПОЛИКЛИНИКАТА „БИТ ПАЗАР“ ВО СКОПЈЕЛицата со багер ја урнале оградата и почнале да ставаат тампон подлога врз тревата за да направат паркинг. (Фото: К. Попов)

    Две лица вчера попладне со багер ја урнале оградата на поликлиниката „Бит Пазар“ во Скопје и во дворот почнале со градежни работи за изградба на паркинг. Со багерот врз тревата почнато е со нанесување на тампон подлога.

    Како што вели директорот на Здравствениот дом Скопје д-р Виктор Исјановски, упадот во установата се случил околу 19 часот, по што чуварот веднаш го известил одговорното лице од техничката служба на поликлиниката и двајцата директори.

    „Веднаш штом бев информиран за случајот, пријавив во Министерството за внатрешни работи и лично кај министерот Оливер Спасовски. Веднаш беше интервенирано и според моите информации, уапсени се две лица. Не знам што имале намера да градат, но вакво нешто е незамисливо, некој на диво да влезе во јавна установа и да почне да гради“, вели Исјановски.

    Од МВР велат дека вчера на подрајчето Бит Пазар од полициски службеници се приведени Н. К. (44) и Ш. Д. (42), поради сомнение дека сториле кривични дела „Узурпација“ и „Бесправно градење“.

    „Според пријавеното, во 19.45 часот во близина на поликлиниката Бит Пазар тие тргнале дел од оградата на здравствената установа со намера да го узурпираат просторот и да изградат паркинг, за што немале добиено дозвола од Општина Чаир. За случајот е известен Јавен обвинител и по негово целосно документирање ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, велат од МВР.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира