Одреден е притвор од 8 дена за едно од двете лица кои во петокот со багер ја срушија оградата на поликлиниката „Бит Пазар“ и на диво почнаа да градат паркинг. Јавното обвинителство побара притвор за двете лица, оценувајќи дека во конкретниот случај постои опасност осомничените да го повторат делото, бидејќи кривично-правните дејствија ги презеле преку исклучителен волунтаризам и самоволие, со нарушување на имотот на објект кој е во општа употреба. Судија на претходна постапка за првоосомничениот изрече мерка притвор , а за управувачот на багерот определи мерки на претпазливост.
„Осомничените, на возраст од 45 и 42 години, на особено дрзок начин, со багер урнале дел од оградата на поликлиниката ‘Бит Пазар’ и започнале да го рамнат и тампонираат земјиштето во близина на здравствената установа кое не било во нивна сопственост, со намера да го претворат во паркинг, иако за тоа немале соодветна дозвола од Општината. Двајцата манифестирале огромна упорност за реализирање на својот потфат и за само два часа успеале да ја урнат оградата и бетонските столбови со цел да овозможат пристап на градежна механизација на локацијата, започнале да носат камиони со тампон и истуриле огромно количество песок за да го тампонираат просторот. Во ноќни услови, на особено фреквентно место од градот, со своите ископувања стигнале до самите ѕидови на болницата, при што го загрозиле пристапот до болницата и спроводот на пациентите во итни случаи“, се вели во соопштението на Обвинителството.
Намерата на осомничените, вели Обвинителството, била во најкраток можен период за време на викендот да го заокружат криминалниот потфат со ставање сопствена рампа, со која во иднина би го узурпирале просторот и би профитирале од наплата на паркинг без дозвола. Ова за Обвинителството укажува дека тенденцијата на осомничените била и понатаму да се занимаваат со казниви дејствија што го оправдува стравот дека постои опасност тие да го повторат кривичното дело.
А. АНТЕВСКА