„На секое дете му треба семејство“ е насловена кампањата за згрижувачки семејства, која денеска ја презентираа Министерството за труд и социјална политика и Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ). Целта е да се мобилизираат повеќе згрижувачи кои имаат искрена мотивација и желба да згрижат деца, вклучувајќи деца со попреченост, бебиња, деца кои се жртви на насилство или занемарување и деца на кои им е потребна грижа затоа што се изложени на ризици.
Потенцијалните згрижувачи може да се јават на 15333 или да се информираат на веб страната www.zgrizuvanje.gov.mk.
„Свесни сме дека никако не можеме да ги замениме љубовта и поддршката од семејството. Затоа сме толку посветени да создадеме мрежа на згрижувачи и да им обезбедиме целосна поддршка од институциите на системот за да можат на децата што имаат потреба од згрижување да им ја пружат најдобрата можна нега и грижа,“ изјави министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.
Згрижувачките семејства и родниското згрижување, заедно со малите групни домови, станаа главните алтернативни решенија за семејна грижа за децата без родителска грижа по деинституционализацијата на децата од големите установи во 2019. Во моментот во Македонија има вкупно 360 згрижувачки семејства, во коишто се згрижени 608 деца.
Според Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ, Македонија вложила исклучителни напори со цел ниту едно дете да не живее во голема институција. За жал, вели, секогаш ќе има случаи кога нема да биде можно, безбедно, или нема да биде во најдобриот интерес на детето да живее со биолошкото семејство.
„Во таквите случаи, прво треба да се поддржи биолошкото семејство. Но, ако со поддршката не може веднаш да се подобри ситуацијата во семејството, постојат алтернативни форми на грижа, а згрижувачките семејства се најдобрата алтернатива на семејна средина“, додаде таа.
Со кампањата „На секое дете му треба семејство“ ќе се поддржат заложбите на Ресурсните центриза поддршка на згрижувачки семејства во Скопје и Битола и Центрите за социјална работа во целата земја за да се зголеми интересот за згрижување и да се создаде мрежа на згрижувачи во секоја општина.
Б. НЕСТОРОСКА