Русија го изведе деветтиот воздушен напад на Киев од почетокот на овој месец, додека едно лице загина во Одеса, објавија официјални лица. Покрај овие два града, експлозии имало и во централните региони Виница, Житомир и Хмелницки.
Воената управа на Киев соопшти дека биле соборени сите проектили испукани кон градот. Украинската војска кажа дека нападот бил изведен од руски стратешки бомбардери над Каспиското Море.
„Остатоци од проектили паднаа во градот, но нема информации за повредени“, кажа градоначалникот на Киев, Витали Кличко.
Најмалку осум луѓе, вклучувајќи петгодишно дете, загинаа во вчерашното гранатирање на јужниот регион Херсон, додека двете страни се обвинуваа дека напаѓаат цивилни цели.
Во исто време, западните извори велат дека украинската војска е во состојба на висока готовност во пресрет на долгоочекуваната противофанзива. Тие додаваат дека руските сили можеби се во лоша состојба, но имаат поставено застрашувачки одбранбени линии, засилени со широка мрежа на мински полиња.
„Успехот на украинската офанзива треба да се мери не само во територијални добивки, туку и во тоа дали ќе успее да го убеди Владимир Путин да ја преиспита својата стратегија“, велат западни функционери.