КАКО НЕ ВИ ЗАЛЕТНА КОГА ЈАДЕВТЕ СО ДЕДО СТЕФАН ВО РЕСТОРАНОТ НА ВАШИОТ БАЏАНАК ДАНО, ШТО ГО ДОБИ ПРВИОТ ТЕНДЕР ОД ВМРОВСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА СТРУМИЦА, ГО ПРАША АПАСИЕВ ПРЕМИЕРОТ МИЦКОСКИ, А ТОЈ ГО НАРЕЧЕ ЕРЕТИК

    КАКО НЕ ВИ ЗАЛЕТНА КОГА ЈАДЕВТЕ СО ДЕДО СТЕФАН ВО РЕСТОРАНОТ НА ВАШИОТ БАЏАНАК ДАНО, ШТО ГО ДОБИ ПРВИОТ ТЕНДЕР ОД ВМРОВСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА СТРУМИЦА, ГО ПРАША АПАСИЕВ ПРЕМИЕРОТ МИЦКОСКИ, А ТОЈ ГО НАРЕЧЕ ЕРЕТИКОткако Мицкоски го нарече кукавивца и сноб што пазари во Тесалоники, Апасиев му врати дека е инфериорен сноб кој носи рачни часовници од по 60.000 евра и кој “мисли дека со тоа ќе напраи некоја поголема вредност меѓу Мирјаниве овде“, покажувајќи кон пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. (Фото:СДК.МК)

    На седницата за пратенички прашања од опозицијата, денеска во Парламентот пратеникот и лидер на Левица Димитар Апасиев го отвори прашањето за бизнисите со Бугарија на баџанакот на премиерот Христијан Мицкоски, Јорданчо Јанев, викан Дано, а кое се зборува неофицијално од доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт на чело со премиерот Мицкоски.

    „Денеска ќе ве прашам за тема во која вие сте најјак, а јас најслаб, а тоа е бизнис. Станува збор за лицето Јорданчо Јанев, познат по називот ‘Дано’, баџанакот кој е турски збор и за него има песна: ‘Аџанак-баџанак, на кој му стиска нека дојде’, па еве мене ми ‘стиска’ и дојдов. Овој баџанак на премиерот Мицкоски е многу плоден бизнисмен. И веќе се познати шемите од аферата ‘Плацевите на Водно’ за кои Груевски доби пресуда 9 години затвор, а вие иако сте биле тогаш трет ешалон, сте учеле добро. Исти се контурите и еве некои: перење пари, офшор фирми (тука не најдов офшор ама најдов бугарски фирми), натаму роднини на премиерот –  тогаш бил кум сега е баџанак, парцели недвижнини–профити, братучеди мора да има обавезно да се ортаци. Овој ваш баџанак има и бугарско ‘гражданство’, он така се осеќа, и му е од 2017 ако не се лажам. Има 6 фирми, може има и повеќе, јас 6 му најдов: 4 во Македонија, 2 во Бугарија. Првата ‘Дано транс’ е основана 2003 година, со камиони. Има милион евра приход. Таму има еден вработен Влатко Јовановски кој сега е инвеститор во градежен сектор во Струмица. Втората фирма ‘Интергруп’ основана 2015 година, е за логистика. Третава фирма ‘Шалом фуд груп’ е од 2016 година ресторан со милионски приход. Тука управител му е неговиот братучед Данчо Карастоев. Од овој Данчо не најдов слика, иначе и него ќе го врамевме. Откако доаѓате на власт, ја основаат фирмата ‘Шалом Деливери 2024’ и првиот тендер на општина Струмица на овој новиов градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ Петар Јанков, е токму свечен ручек за 250 гости на слава ли, што ли е тоа таму, ‘Свети Тивериополски маченици’, сите седите таму на слика ве има. И видете сега, општина која има долг од 16 милиони евра, првиот тендер го дава на фирмата на вашиот баџанаккој во истовреме за да биде апсурдот поголем, бил кум и покровител на славата за која после си прави бизнис. Како не ви залетна со дедо Стефан кога јадевте знаејќи дека за истава слава овој си прави пари во меѓувреме? Следна има ‘Д дигитал конто’ консалтинг фирма, со директорка Танкица Ефтимова. Танкица ви е донаторка на ВМРО-ДПМНЕ со 2.500 евра. Исто така и баџанакот ви е донатор. Во 2019 година ви донирал 20.000 евра. Ова е легално, за нелегално не знаеме. Баџанакот на премиерот си гради хациенда од два милиона евра во Струмица и во градот се шпекулира дека добил концесија за ниви во Конче за да зема субвенции за тутун. Братучедов на Дано со слично име, Дончо, има 9 фирми, од кои две се бугарски. Ортаци се, ‘Дано транс’, имале профит од 1,5 милион евра само во 2018 година и ‘Инфинити транспорт група’, со адреса во Петрич. Преку Ново Село Ива откај што ви побегна сега, таму покрај границата на иста адреса е фирмава. Потоа имал и ‘Инфинити фешн груп’ и други фирми во кои една мора да е за гаќи и прслуци. Откако сте дошле на власт отворени се ‘Инфинити форевр стор’ и ‘Гламур спаркл стор’. Исто и овој ви е донатор на партијата во 2024 година. Мислам дека ми ја сфаќате поентата, сакам конечно да расчистиме – колку овие донации се патриотизам, а колку се испран бугарски капитал? Колку вашата политика е народна, а колку е фамилијарен бизнис план? И да видиме, кога границата меѓу власта и семејниот бизнис исчезнува, дали корупцијата е поединечен случај или е модел на модел на управување и владеење? Ако фирмата на вашиот баџанак можеше да го добие првиот празничен ручек во Струмица, а неговите фирми во Петрич тивко да си работат преку граница, дали тоа значи дека во вашето поимање на владеењето на правото, единствено нешто што циркулира навистина слободно меѓу Македонија и Бугарија е профитот за вашите роднини?’, праша Апасиев оставајќи на говорницата да стои врамена во бело фотографија на Мицкоски со баџанакот.

    Премиерот излезе и му рече на Апасиев дека навистина не го бивало за бизнис.

    „Сега сфатив зошто имате толку голема фрустрација за овој трет ешалон, зашто вие не можевте ни до десетиот да дојдете во таа политичка партија, моравте да смените неколку во меѓувреме. Прашање е кога и одоваму ќе ве исклоцаат“, кажа Мицкоски додека ги местеше микрофоните на собраниската говорница, а го нарече и кукавица која после него ќе излезе и последен ќе има збор, т.е. можност да истури клевети и навреди, без да сноси како што рече, кривична одговорност и поради тоа тука тој како премиер е инфериорен.

    „Јас ве поканувам како голем и храбар маж што не сте, да излезете ова што денеска го кажавте и надвор пред медиуми на прес-конференција да го кажете, и тогаш ќе се најдеме во арената каде што вие сте најјак, а тоа е судот. Па ќе мора ова што денеска го кажавте, да го докажете“, кажа Мицкоски, но потоа рече дека не е грев да се има фирми надвор и парите од тој профит да се трошат тука во Македонија.

    „Инаку, да мене Јорданчо Јанев ми е баџанак, односно неговата сопруга е сестра на мојата сопруга. Не ви е точен податокот дека од 2017-та има бугарски пасош туку од 2003 година. Јас навистина не можам да сфатам што е грев, па дури и да е бугарски граѓанин, па дури и да еве во Бугарија да прави бизнис во левови, милиони како што кажувате, и тие пари да ги донесе во Македонија и тука да ги троши. Јас навистина не можам да сфатам што е грев, парите кои што ги заработуваат луѓето надвор да ги донесат тука, место да ги изнесуваат или да речеме да летуваат во скапи хотели на Егејското крајбрежје или да шопингуваат во Тесалоники, како што вие милувате да кажете, скапа гардероба која што ја носите вие и вашето семејство, и на тој начин да ги манипулирате овие околу вас кои што ви даваат каква таква поддршка. Јас навистина не разбирам, вие навистина не се разбирате од бизнис“, одговори на пратеничко прашање Мицкоски, обвинувајќи го Апасиев дека ги сквернавел Светитивериополските маченици.

    „Добро вие сте еретик, не ги разбирате тие работи, а еретиците не можат да ги сфатат тие верски обичаи“, рече премиерот, без збор да каже за тендерот што за оваа слава го добил баш неговиот баџанак од целиот ресторантски и кафеански град Струмица.

    Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ има илјадници донатори, членови и симпатизери кои финансиски ја поддржуваат партијата.

    „Да, во ВМРО-ДПМНЕ има повеќе донатори, илјадници донатори, членови и симпатизери на партијата. За разлика од кај вас кои што земате од партијата хонорари и дневници, и тие потоа ги трошите, купувате објекти, кои потоа се кафе барови, ноќни клубови и кафичи, ги регистрирате, го црпите профитот од таму, за да можете вашите хедонистички навики вие и вашето семејство да ги покажете на јавна сцена“, рече тој.

    По него излезе Апасиев, му се заблагодари на смирениот одговор и „што не се исклучи како Орце“.

    „Се чувствувам како комарец на нудистичка плажа. Не знам откај да почнам со апење. Значи толку афери имате, а се претставувате како светец, ете ме нарековте и еретик, и кукавица, што убави епитети. Се што кажавте е точно само дека сте инфериорен. Но, треба да дополните и дека сте инфериорен сноб. Носи саати од 60.000 евра и мисли дека со тоа ќе напраи некоја поголема вредност меѓу Мирјаниве овде, да се изразиме вака деморисјански. Еве го вашиов баџанак, дете на стечајци како што кажувате, со Заев на сликава. Тој ли ви е договорот за да ја предаде СДСМ? Не е тука Венко да му го поставам истово прашање“, рече Апасиев.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира