Двапати разрешената во спорни околности претседателка на Судскиот совет Весна Дамева поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје и тужба до Управниот суд во врска со одлуката за нејзино разрешување. Кривичната пријава се однесува за кривичното дело Злоупотреба на службената должност и овластување.
Таа за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека одлуката е донесена без постоење на законски основ и без да биде спроведена постапка пропишана со закон.
„Имајќи ја предвид мојата заложба за владеење на правото, како и дека секоја незаконитост треба да се испита и утврди во постапка и на начин согласно со закон, поднесов тужба до Управниот суд, со која ја оспорувам законитоста на донесената одлука за мое разрешување од функцијата претседател на Судскиот совет на Република Северна Македонија, која во основа се заснова на фактите кои веќе и се познати на јавноста, а тие се дека одлуката е донесена без постоење на законски основ и без да биде спроведена постапка пропишана со закон. Во отсуство на законски одредби кои ја регулираат ситуацијата за разрешување на претседател на Судскиот совет, недозволено е тоа да се користи и да се супституира со арбитрерно постапување, донесување, па отповикување на одлуки и создавање на правна несигурност внатре во Советот, што се одразува и во перцепцијата за работењето на овој важен орган во остварување на неговата задача, да ја обезбеди и гарантира самостојноста и независноста на судската власт, преку остварување на своите функции согласно со Уставот и законите“, вели Дамева.
Таа смета дека при нејзиното разрешување биле сторени прекршувања и пречекорувања на законот од кривично-правната област.
„Со оглед дека во случајот за да се дојде до целта и да бидам разрешена од претседател на Судски совет на Република Северна Македонија беа сторени и прекршувања и пречекорувања на законот кои спаѓаат во доменот на кривично-правната област, до ОЈО Скопје поднесов кривична пријава поради постоење на основи на сомнение дека е сторено продолжено кривично дело Злоупотреба на службената должност и овластување од чл.353 ст.2 в.в. со ст.1 в.в. со чл.45 од КЗ“, вели Дамева.
Дамева додава дека ова не го прави за себе, бидејќи, како што вели таа, најмалку важно е кој е претседател на Судскиот совет, туку поради заштита на угледот на институцијата, значењето на функцијата претседател на Судскиот совет и интегритетот на оние кои ја сочинуваат институцијата.
Дамева беше незаконски разрешена на 26 април на предлог на заменик-претседателот на Судскиот совет Селим Адеми, а на 4 мај, на затворена седница, што не е дозволено, ја отповика првичната одлука за веднаш потоа уште еднаш да ја разреши и да го избере Сашко Георгиев за нов претседател на највисокото судско тело.
С. К. ДЕЛЕВСКА