Градот Скопје заедно со Oпштина Карпош денеска поднесоа пријава против непознат сторител поради оштетување на јавен имот и саботажа, откако на Железничкиот мост во Нерези во текот на вечерта намерно се исечени и оштетени електрични и комуникациски кабли.
„Не сакаме да веруваме дека станува збор за намерна саботажа предизвикана од политичка агенда, но, ако судиме по реакциите на политичките партии кои го политизираа и пожарот на мостот ‘Беласица’ со шпекулации и предизвикување на општа несигурност и паника кај граѓаните, заклучокот е загрижувачки“, велат од Град Скопје.
Од Градот го повикуваат Министерството за внатрешни работи да ги преземе сите неопходни мерки за да се спречи ваквата појава, а политички чинители да не поттикнуваат вакво однесување.
Oткако на 11 мај ноќта се запали мостот„Беласица“ кој останува затворен за сообраќај и за пешаци во недогледно време, градоначалничката Данела Арсовска не се појавила во јавност ниту пак беше на увид на местото. Не соопшти ниту дека мостот е затворен за сообраќај, ниту одговара на новинарски прашања, само Градот ги стави бетонските столбови претходно насликани со уметнички дела да бидат барикади на мостот. Ниту Советот на Град Скопје ни советниците немаат реакција или акција во врска со однесувањето на градоначалничката и градските власти за опожарениот мост, чие затворање го блокира соовраќајот во еден од најпрометните делови на Скопје.
Од Град Скопје на 17 мај изјавија дека во овој момент се врши вештачење на мостот по пожарот, со цел да се утврди дали воопшто има структурно оштетување на мостот, а во наредните неколку денови ќе се донесе и одлука за тоа дали ќе се врати во употреба веднаш, или пак ќе има каква било интервенција пред да се стави во употреба. Но, не кажуваат кој го врши вештачењето со оглед дека тоа не се професори од Градежен факултет.