Од септември, во новата учебна година, ќе се зајакнат активностите на Министерството за внатрешни работи (МВР) во школите, кажа денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири, пред почетокот на дебатата „Насилство кај децата“ на Филозофскиот факултет во Скопје.
Владата на 16 мај усвои 10 препораки наменети за подигнување на безбедноста во училиштата. Овие препораки следат по масовните пукања во Белград и околината на Младеновац во Србија, во кои беа убиени вкупно 18 лица. Убијците се 14-годишен ученик и 20-годишник.
На новинарско прашање дали ќе се зајакнат контролите од МВР во школите, Шаќири денеска рече: „МВР кога ќе направат анализа, ќе имаат и нови препораки во начинот како што треба во начинот за што побезбедни училишта. Знаете дека и досега МВР, после случувањата со најави со бомби, според новите протоколи, реализира неколку контроли во училиштата, пред наставата и после наставата.
Мислам дека во проценката на МВР,што досега е реализирано, некои од активностите ќе се зајакнат. Една од препораките беше сите родители да се запознаат со Кривичниот законик, каде одговорноста до одредена година спаѓа и кај родителите.
Според информациите кои ги имам, МВР во сите ситуации со службите внатре, ќе треба да изработат извонредни препораки, а во некој дел и ќе бидат повнимателни во делот на безбедноста“.
Министерот кажа дека на електронските адреси кои МОН ги објави за пријава на насилство во училиштата, се стигнати над 20 пријави, меѓу кои има и препораки, сугестии, но и такви случаи дека школото и по 2-3 пријави не преземало ништо по прјава на булинг.
Б. НЕСТОРОСКА