ОД УТРЕ ПАК ЌЕ ВОЗАТ ПРИВАТНИТЕ ПРЕВОЗНИЦИ ЗА КОИ АРСОВСКА ВЕЛЕШЕ ДЕКА НЕ МУ ТРЕБААТ НА ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ

    ОД УТРЕ ПАК ЌЕ ВОЗАТ ПРИВАТНИТЕ ПРЕВОЗНИЦИ ЗА КОИ АРСОВСКА ВЕЛЕШЕ ДЕКА НЕ МУ ТРЕБААТ НА ЈАВНИОТ ПРЕВОЗПриватните превозници престанаа да возат во декември бидејќи ЈСП Скопје и Град Скопје не им плаќаа и имаа долг кој нив од 1,5 милиони евра. (Фото: К. Попов)

    Од утре приватните превозници пак ќе возат, шест месеци откако престанаа да бидат дел од јавниот превоз. Денеска, в. д. директорот на ЈСП Скопје, Крсте Петревски, го потпиша договорот со приватните превозници, со што на улиците ќе се вратат 105 автобуси.

    Приватните превозници ќе ги опслужуваат линиите: 23, 45, 61, 63, 73, 9, 11, 11А, 12, 47А, 55, 19, 20, 22, 52, 54, со 105 модерни автобуси кои ги исполнуваат еколошките стандарди согласно јавниот повик.

    „Со новиот начин на работа и стандардизацијата во јавниот превоз, граѓаните ќе добиваат квалитетна и навремена услуга, а буџетите на Град Скопје и ЈСП Скопје ќе бидат заштитени од злоупотребите и самоволието кое во минатото било пракса”, велат од ЈСП, не прецизирајќи колку ќе им се плаќа односно дали ќе добиваат по едно евро за километар, како што беше со стариот договор.

    Приватните превозници престанаа да возат во декември бидејќи ЈСП Скопје и Град Скопје не им плаќаа и имаа долг кој нив од 1,5 милиони евра. Градоначалничката Данела Арсовска потоа ги раскина договорите со „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ оти не го почитувале договорот и престанале да возат. Оттогаш настана колапс на јавниот превоз, на улиците нема доволно автобуси, патниците чекаат по еден час на постојките и доцнат на работа, лекар и во училиште.

    Арсовска на почетокот тврдеше дека нема проблем и дека приватните превозници не му требаат на јавниот превоз. На новинарските прашања одговараше дека јавното претпријатие има капацитет да ги покрие линиите на приватниците и сега пари немало да одат во приватни џебови.

    После два месеца откако граѓаните и новинарите секојдневно пишуваа дека нема автобуси, Градот распиша јавен повик. На првиот не се пријави ниту еден превозник, вториот беше поништен и последниот трет заврши со потпишување нов договор.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира