ВЕЛЕШАНИ МАСОВНО ЗАМИНУВААТ ДА РАБОТАТ НА ХРВАТСКОТО ПРИМОРЈЕ

    ВЕЛЕШАНИ МАСОВНО ЗАМИНУВААТ ДА РАБОТАТ НА ХРВАТСКОТО ПРИМОРЈЕЗаминуваат млади, но и повозрасни да работат како келнери, собарки, готвачи. - Сплит (Фото: СДК.МК)

    На почетокот на мај голем број Велешани тргнаа на хрватското крајбрежје, но, не да летуваат, туку да работат во угостителството. Заминуваат млади, но и повозрасни, сите со една мисла, да поминат финансиски подобро отколку ако работат во Велес.

    „Одам прва година, ќе работам шанкер. Се слушнав телефонски со газдите, сè е договорено, спиење, храна, плата. Се враќам назад во октомври“ – кажа млад велешанец кој замина да работи во околината на Дубровник.

    Тешко е да се каже реалната бројка колку Велешани заминаа на хрватското приморје. Повеќето се невработени или времено ангажирани во угостителски објекти. Некои си дале отказ, или зеле неплатен одмор од работа за да заминат на времена работа.

    „Си одам без размислување, кога ќе се вратам назад пак ќе ме бараат и ќе ме вработат“, оптимистички вели друго момче.

    Сите што заминале немаат никаков документ во некоја државна институција дека си одат, ниту се одјавуваат некаде и нема евиденција за реалната бројка.

    Од хрватското Министерството за внатрешни работи пред три недели за САКАМДАКАЖАМ.МК кажаа до крајот на април, на македонски државјани им се издадени 4.091 дозвола за престој и работа во Хрватска. Во истиот период лани биле издадени 2.546 дозволи. Од нив, 746 дозволи се однесуваат на сезонското вработување.

    Сите кои заминаа на времена работа во Хрватска се времено ангажирани како хотелско -угостителски работници, од собарки, келнери, готвачи, салатерки. До работа дошле најмногу во директен контакт со тамошните угостители, или по препорака на близок кој минатите години работел таму. Не откриваат за која плата ќе работат, но дел потенцираат дека им е платено здравствено и социјално осигурување. Примањата не биле под илјада евра.

    „Заминаа околу 30 – 40 отсто од вработените во ресторанскиот дел, келнери се наоѓаат во градот. Недостигаат мајстори, готвачи, кувари“, вели сопственик на угостителски објект во Велес.

    Ваква ситуација, на голем одлив на вработени во угостителството имаше во 2008 и 2009 година, само што тогаш масовно се одеше да се работи на црногорско приморје.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира