Лидерот на десничарската милиција „Чувари на заклетвата“ Стјуарт Роудс е осуден на 18 години затвор за неговата улога во нередите во Капитол во САД. Роудс, кој е основач на милицијата, беше осуден за бунт против државата и други кривични дела. Ова е најдолга затворска казна досега изречена во врска со упадот во законодавниот дом на САД на 6 јануари 2021 година. Обвинителството бараше затворска казна од 25 години.
За време на судењето, Роудс не покажа каење и тврдеше дека е политички затвореник. Тој вели дека „Чуварите на заклетвата“ се борат против „луѓето кои ја уништуваат државата“.
Судијата Амит Мехта ги отфрли овие негови тврдења и кажа дека е загрижен поради неговата насилна реторика, вклучувајќи закана со бесење за поранешната спикерка во Претставничкиот дом Ненси Пелоси.
„Морам да кажам, господине Роудс, а никогаш не сум го кажал ова за некој што сум го осудил: Вие, господине, сте постојана закана за оваа држава, за републиката и за самото ткиво на нашата демократија“, кажа судијата.
Илјадници поддржувачи на поранешниот американски претседател Доналд Трамп упаднаа во Капитол, зградата на Конгресот во Вашингтон, во обид да го спречат прогласувањето на Џо Бајден за нов претседател.