Аниматорката Тонкица Митровска денеска ја прими наградата Златен објектив, која се доделува на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија. Наградата на Митровска ѝ ја врачи директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов.
Наградата годинава ја добива и Љупчо Константинов, композитор на филмска музика, а ќе му биде врачена во друга прилика.
Кинотеката го доделува признанието во чест на 29 мај, денот на основањето.
Родена во 1948, Тонкица Митровска е една од првите кои работеле на анимираниот филм во Македонија. Била вклучена во речиси сите филмови од опусот на Скопската анимирана школа, односно Студиото за анимација на „Вардар филм“, формирано во мај 1975. Како соработничка или сценографка, работела на повеќе од 20 домашни анимирани филмови.
Љупчо Константинов (1946) дипломирал на Музичката академија во Белград. Автор е на музиката за бројни играни, документарни и анимирани филмови, ТВ-филмови, серии и драми, како и за над 60 театарски претстави. За музиката за филмот „Среќна нова ‘49“ доби Златна арена во Пула и Бронзена плакета „Милтон Манаки“ во Битола.
Досегашни добитници на Златен објектив се режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Коле Ангеловски и Коле Манев; тонскиот снимател Глигор Паковски; аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ; директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков; филмскиот работник Коста Крпач; продуцентот Панта Мижимаков; филмските критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куновски-Доре; монтажерите Димитар Грбевски, Спасе Тасевски и Олга Лукова-Дончиќ; костимографките Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ.
Б. НЕСТОРОСКА