Руски проектил денеска погоди клиника во источниот украински град Днипро, при што загинаа најмалку две лица, а ранети се 23, во нападот што претседателот Володимир Зеленски го нарече злосторство против човештвото.
Видеоснимката покажува уништена зграда од која излегува чад и спасувачите гледаат во неа. Голем дел од горниот кат на, како што се чинеше, трикатна зграда беше тешко оштетен. Покриен труп лежеше на патот во близина.
„Уште еден (руски) ракетен напад, уште едно злосторство против човештвото. Само зла држава може да се бори против клиниките. Не може да има воена цел во ова. Тоа е чист руски терор“, напиша Зеленски на Твитер, опишувајќи ја штетата на психолошката клиника и ветеринарната клиника во Днипро.
Регионалниот гувернер Серхи Лисак изјави дека е убиен 69-годишен маж, додавајќи: „Тој штотуку минуваше кога ракетата на руските терористи го погоди градот“. Гувернерот рече дека телото на уште еден човек е извлечено од урнатините, а дека 21 од 23 ранети се пренесени во болница. Тројца се сериозно повредени, рече тој.
Украинското Министерство за одбрана нападот го нарече сериозно воено злосторство според Женевската конвенција, која одредува како војниците и цивилите треба да се третираат во војна.