СОВЕТОТ НА ОПШТИНА БИТОЛА ЌЕ РАСПРАВА ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ НА УПРАВНИТЕ И НАДЗОРНИТЕ ОДБОРИ НА ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА КОИ ИМААТ ДОЛГОВИ

    СОВЕТОТ НА ОПШТИНА БИТОЛА ЌЕ РАСПРАВА ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ НА УПРАВНИТЕ И НАДЗОРНИТЕ ОДБОРИ НА ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА КОИ ИМААТ ДОЛГОВИПредлогот на опозицијата доби поддршка од сите советници од СДСМ, ДОМ, Поинаку и Левица (Фото: СДК.МК)

    Советот на Општина Битола првпат прифати да расправа за разрешување на управните и надзорните одбори на јавните претпријатија кои се во долгови, и тоа на предлог од опозицијата. Методија Илиевски, координаторот на советничката група на СДСМ и коалицијата, предложи да се донесат одлуки за разрешување на управните и надзорните одбори на Водовод, Комуналец, Жабени, Паркинзи, Пазари и Културно-информативниот центар, кој управува со Офицерскиот дом и киното „Манаки“. Точките ги поддржаа сите советници од СДСМ, ДОМ, Поинаку и Левица, со што ја надгласаа локалната власт.

    „Се надевам дека денеска сите ќе се одважиме да го изгласаме предлогот за разрешување на управните и надзорните одбори, па на следната седница да избереме нови, составени од членови кои сите ние ќе ги предложиме. Ова го предлагам само од една причина: да ги спасиме јавните претпријатија. Ако ги оставиме овие одбори и ако продолжат да работат во ист стил, следната година ќе треба во овие претпријатија да прогласиме стечај или да книжиме уште поголеми загуби“, рече Илиевски.

    Ѓорги Ѓоргиевски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека не е земен предвид членот 17 од Законот за јавни претпријатија, кој предвидува основачот да ги разреши сите членови на управниот одбор пред истекот на мандатот доколку не даде согласност за годишната сметка и извештајот за работењето на јавното претпријатие, за што е дадена согласност.

    Претседателката на Советот, Габриела Илиевска од независната граѓанска иницијатива Поинаку, укажа дека тие точки уште не се излезени во Службен весник и не се знае дали ќе добијат согласност, бидејќи во тек е жалбена постапка. Тоа се точките за завршните сметки на јавните претпријатија кои беа изгласани од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и ДУИ на спорната седница од 20 април, која Илиевска ја прекина.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира