Министерот за здравство Фатмир Меџити смета дека е потребно што поитно ажурирање на позитивната листа со нови современи лекови за справување со незаразните болести, особено за хипертензија. Меџити, по денешниот Национален форум за здравство во организација на Светската здравствена организација (СЗО), кажа дека македонските граѓани плаќаат 40 отсто од здравствените трошоци, што резултира со тоа што 7 проценти од домаќинствата имаат високи трошоци за здравствена заштита, а 4 отсто се соочуваат со сиромаштија поради високите трошоци за лекови.
Меџити најави дека сето ова ќе се промени, бидејќи неодамна се комплетирани пет нови клинички упатства и протоколи засновани на меѓународни упатства и докази за најчестите хронични заболувања и состојби – хипертензија, дијабетес, хронична опструктивна, белодробна болест, астма и хипотироидизам.
„Владата на 17 март усвои закон со кој на општите лекари им овозможи да ги дијагностицираат овие болести и да препишуваат лекови согласно наведеното во новите клинички упатства, кои исто така вклучуваат ажурирани рецепти. Фармацевтските компании сега ќе имаат можност да го изразат својот интерес за нови лекови, базирани на докази, со цел вклучување на позитивната листа. Дополнително, процесот на обединување на универзитетските клиники под едно правно лице и еден генерален менаџер, ќе ја подобри координацијата и ќе обезбеди оптимално искористување на ресурсите. Веќе го почнавме процесот во Владата за укинување на организациските директори на скопските клиники и пренасочување на средствата кон подобрување на грижата за пациентите“, кажа министерот.
Б. НЕСТОРОСКА