ГОЛЕМ ДЕЛ ОД ГРАЃАНИТЕ КОИ СЕ ПРОТИВ УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ НЕ СЕ ПРОТИВ ЕУ, ТУКУ ИМААТ ОПРАВДАН СТРАВ ДЕКА ОВА НЕ Е КРАЈ НА БАРАЊАТА, ВЕЛИ ШЕКЕРИНСКА

    ГОЛЕМ ДЕЛ ОД ГРАЃАНИТЕ КОИ СЕ ПРОТИВ УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ НЕ СЕ ПРОТИВ ЕУ, ТУКУ ИМААТ ОПРАВДАН СТРАВ ДЕКА ОВА НЕ Е КРАЈ НА БАРАЊАТА, ВЕЛИ ШЕКЕРИНСКАШекеринска денеска зборуваше на панелот „Европски фронт“, дел од одбележувањето на 21-годишнината на ДУИ, на кој сите останати говорници немаа дилема дека уставните измени треба да се усвојат. (Фото: МИА/принтскрин)

    Поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска, која сега е потпретседателка на Партијата на европски социјалисти, вели дека се оправдани стравовите на голем дел од граѓаните кои се против уставните измени, затоа што нивниот отпор не е против ЕУ или против уставните измени, туку дека тоа нема да биде крај на барањата.

    Шекеринска денеска зборуваше на панелот „Европски фронт“, дел од одбележувањето на 21-годишнината на ДУИ, на кој сите останати говорници немаа дилема дека уставните измени треба да се усвојат. И Шекеринска смета дека ако не ги донесеме годинава ќе си дадеме автогол, но дека треба да се разберат и оние кои се против и дека треба да се обезбеди дополнителна потврда од нашите европски партнери дека нема да има нови препреки.

    „Денеска зборувам во оваа сала која што нема дилема. Сите сметаат дека Македонија треба да ги направи уставните измени за да си даде шанса да го почне и заврши целиот процес на преговарање, ама во Македонија има и многу други вакви сали кои што имаат дилема. И проблемот е што честопати дискутираме сами за себе. Оваа група си дискутира и вели дека нема алтернaтива, другата група, сигурна сум, си дискутира и вели дека нема алтернатива. Правиме грешка. Од една страна, оние кои што се противат на промени на уставот од било која причина, треба да им стане јасно дека ќе си дадеме автогол, но од друга страна, ако сакаат само да го одложат процесот, тоа ќе биде двоен автогол. Но, од друга страна и за сите кои што се за измени на уставот, мислам дека треба да им стане јасно дека тезата дека нема алтернатива, по мене, не функционира. Многумина кои се силно посветени на уставните измени треба да го разберат и оној дел од граѓаните кои денес велат не. Да, главно се Македонци, но без разлика на етничката структура, тој број не е за потценување. И не мислам дека само бројката е важна. Прво, најголем број од луѓето кои денес велат дека се против уставните измени, не се против ЕУ. Мислам дека не треба да ги убедиме дека ЕУ е важна, некои знаат повеќе и од нас. Излегле еден дел од нив, гласале на референдум, го поддржале договорот со Грција, ама денеска седат дома и велат не. Тој отпор не доаѓа од отпорот против ЕУ, не доаѓа од незнаење, туку од стравот дека ова не е крај и тој страв не е нереален, да си кажеме отворено. Ние поминавме во изминативе години првин одлагање на одлуката затоа што Холандија не беше подготвена да даде зелено светло за Албанија, па француското барање да се одложи одлуката заради нова методологија, па бугарско вето, итн итн. Еден дел од отпорот кон уставните измени нема никаква врска со уставните измени. Ако разговарате со луѓето кои велат не, тие велат дека немаат ништо против Бугарите, Црногорците и Хрватите да влезат во уставот, проблем е што се плашат дека после ќе има нови барања“, кажа Шекеринска на панелот во хотелот „Александар Палас“, на кој зборуваше и лидерот на ДУИ Али Ахмети.

    И бидејќи тој страв не е неоправдан, како што вели таа, мора да се реши на поинаков начин.

    „Да бидеме гласни меѓу нас, ни треба широк консензус кој нема да биде црно-бел, туку ќе даде одговор како овие теми и стравови да не ги сузбиеме само со убедување, туку да обезбедиме од нашите европски партнери дополнителни потврди дека ова не е само една од многуте препреки“, вели Шекеринска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира