На јубилејното 10. издание на престижната манифестација „Претприемач на годината“, вчера беа доделени наградите на најуспешните претприемачи на мали и микропретпријатија во Македонија за 2016 година.
Во категоријата мали претпријатија првата награда му припадна на Деан Бадаревски од „Софа студио“ од Скопје, додека втората награда му припадна на Васко Брдаровски од „Евросуровина ПА“ од Битола.
Во категоријата на микропретпријатија, добитник на првата награда е Хашим Хасани од „Хотел Скардус“ од Тетово, додека втората награда ѝ припадна на Биљана Кукловски од „Чоко авијаторс“ од Скопје.
Претселекцијата за избор на „Претприемач на годината – 2016“ беше направена врз основа на податоците од Централниот регистар.
Имено, 56 мали и микропретпријатија, во периодот од 2013 до 2015 година, имаат реализирано пораст врз основа на број на вработени, вкупни приходи, добивка и инвестиции.
Наградите ги доделија претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК), Данела Арсовска, извршниот директор на Македонска развојна фондација на претпријатијата (МРФП), Тетјана Лазаревска, претседателот на Стопанска комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ), Неби Хоџа, како и Бојан Јовановски од Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење.