НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК „МАВРОВО“ ПРАВИ ЕКОЛОШКИ МАСАКР СО СЕЧА НА ДРВЈАТА, ПРОТЕСТИРАА ЖИТЕЛИТЕ ОД ОСУМ МАВРОВСКИ СЕЛА

    НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК „МАВРОВО“ ПРАВИ ЕКОЛОШКИ МАСАКР СО СЕЧА НА ДРВЈАТА, ПРОТЕСТИРАА ЖИТЕЛИТЕ ОД ОСУМ МАВРОВСКИ СЕЛАЖителите на половина час го блокираа патот кон Маврово, револтирани од еколошката катастрофа што се случува на површините на Националниот Парк „Маврово“, а посебно на Планина Меник. (Фото: СДК.МК)

    На дрвена порта од влезот во Националниот парк „Маврово“ стои натписот „Природата што Господ ја создал ние сме должни да ја чуваме“, но жителите на осум села од овој реон, велат дека од Националниот парк го прават спротивното, дека бесправно ја сечат и уништуваат природата и со тоа предизвикуваат еколошка катастрофа. Тие денеска, предводени од Здружението за рурален развој Преродба на Горна Река, на половина час го блокираа патниот правец кон Маврово со цел да го изразат нивниот револт од, како што нагласија, еколошката катастрофа што се случува на површините на Националниот Парк „Маврово“, а посебно на Планина Меник.

    „Деградацијата на природата од страна на Јавната Установа Национален Парк ‘Маврово’ е алармантна, бидејќи самата установа врши еколошки масакар со сечење на површината на планината спротивно на позитивните закони на РСМ, поточно законот за Заштита на животната средина. Сечењето на дрвјата се врши на приватен имот, при што се ускратува правото на сопственост без добивање согласност од сопствениците на земјиштето, како и флагрантно кршење на Законот за прогласување на Националниот Парк Маврово за заштитено подрачје во категоријата национален парк“, се вели во соопштението кое беше прочитано на протестот од Фисник Јакупи, секретар на Здружението..

    Освен ова, жителите на овие села го обвинуваат Националниот парк „Маврово“ дека по основ на продажба на дрва правеле финансиска злоупотреба од над 2 милиони евра годишно, па ги повикуваат надлежните институции да интервенираат, а од Националниот парк „Маврово“ бараат веднаш да престанат со овие незаконски активности кои ја уништуваат природата.

    Но освен со сечата на дрвјата, жителите на овие села имаат проблем и со патиштата. Зимоска надојдените води однеле неколку помали мостови како и главниот мост кој е клучен за поврзување на овие села. Сега таму можело да се помине само со трактори или теренски возила.

    „Шумата знаат да ја користат, а за патот воопшто не се грижат. Проблеми имаат селата: Тануше, Рибница, Нивиште, Грекај, Нистрово. Лани во декември водата ги однесе мостовите, но никој од Националниот парк не ги поправаше мостовите, посебно главниот мост. Сега само со трактор и џип може да се дојде до нашите села“, вели Ариф од село Тануше.

    Со него се согласува и Ќефли од село Рибница: „Мислат само за себе, а за народот нема ништо. Целата шума ја исекоа. Имаше проект да се направи мостот ама парите отидоа на друга страна“.

    Од националниот парк „Маврово“ засега нема одговор на барањата и реакциите на жителите на овие села. Велат дека чекаат барањата да им се достават во писмена форма, по што ќе ги разгледаат и после ќе одговорат.

    З. АНДОНОВ

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира