УКРАИНЦИТЕ ЖЕСТОКО НАПАЃААТ ВО ЗАПОРОЖЈЕ, ПРОТИВОФАНЗИВАТА Е ПОЧНАТА

    УКРАИНЦИТЕ ЖЕСТОКО НАПАЃААТ ВО ЗАПОРОЖЈЕ, ПРОТИВОФАНЗИВАТА Е ПОЧНАТАЗеленски кажа дека жестоки борби се водат и во Доњецк (Фото: АП)

    Втора ноќ по ред продолжија украинските напади во јужниот регион Запорожје, каде што се водат жестоки борби, известија руски функционери и воени блогери. Тие велат дека украинските сили, поддржани од тенкови, артилерија и дронови, се обидуваат да напредуваат јужно од градот Орихив.

    Заменичката на украинскиот министер за одбрана Хана Маљар изјави дека непријателот е во состојба на активна одбрана.

    Бројни воени експерти веруваа дека во фокусот на долгоочекуваната украинска противофанзива ќе биде регионот Запорожје и дека Украина преку него ќе се обиде да пристапи до Азовското Море, со што би ги поделила руските сили во две раздвоени групи. Тоа би ги ослабнало нивните борбени способности и би го елиминирало копнениот мост кон Крим.

    Институтот за проучување војна вчера објави дека украинската противофанзива е почната, додека британското министерство за одбрана кажа дека тешки борби продолжуваат во неколку сектори од фронтот и дека Украинците во повеќето области имаат иницијатива.

    Неколкумина руски блогери објавија дека Украина продолжила со нападите и ноќеска, при што користи оклопни возила, артилерија и дронови. Локалниот проруски функционер Владимир Рогов изјави дека се водат активни борби во областа меѓу Орихив и Токмак. Многумина експерти сметаат дека градот Токмак е клучна цел на Украина во обидот да напредува кон Азовско Море.

    Претседателот Зеленски кажа дека жестоки борби се водат и во Доњецк, додавајќи дека тие даваат резултати во подрачјето на Бахмут.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира