Во Македонија, на бројот за итни повици 112, најмногу граѓаните се јавуваат за потреби кон полицијата, а по неа следи итната медицинска помош. Најмногу повици на телефонскиот број 112 има во периодот меѓу 10 и 14 часот, вели за МИА, Ивица Додевски, раководител на Одделение за управување со повици кон Е-112 во Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Почнувајќи од февруари лани, во рамки на Центарот, активен е Единствениот повикувачки број за итни повици 112 на кој што граѓаните можат да се јават доколку имаат итна потреба од полиција, брза помош, противпожарна единица или имаат каква било друга итна состојба.
Во ЦУК, за 15 месеци примиле 660 илјади повици, од кои одговорени се 520 илјади, а напуштени се 145 илјади повици. Додевски вели дека напуштените повици се повици во кои јавувачите по грешка свртеле на бројот.
Според директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, за жал за постоењето на бројот 112 сè уште треба да се работи, бидејќи, како што вели, дел од граѓаните уште не знаат дека е функционален и постои.
„Ние направивме една мала, би рекол скромна кампања, но законските ограничувања и ставот на Владата да не се плаќа на медиумите за реклами на државни институции не ограничуваат во можноста бројот 112 да го рекламираме малку повеќе и со тоа повеќето граѓани да знаат за постоењето на овој број. Во овој момент инициравме истражување на јавното мислење за да видиме колку од граѓаните се запознаени со бројот 112 и со надлежностите на нашите оператори од бројот 112. За почеток, сметам дека и една сериозна телефонска анкета ќе ни даде една реална претстава каде се наоѓаме сега, колку од граѓаните знаат дека бројот 112 постои и кои услуги“, вели Ангелов.
ЦУК во моментов работи на миграција на бројот 192 кон 112. Ангелов кажа дека веќе неколку месеци работат за трансфер, односно миграција на бројот 192 кон 112.
„Оваа миграција е веќе во завршна фаза. Тоа значи дека кога граѓаните ќе се јават на бројот 192 самиот систем ќе ги префрли кај нашите оператори на 112. Граѓаните иако во суштина вртат во полиција на 192 ќе го добијат операторот од Секторот 112 од Центарот за управување со кризи“, вели тој.
Граѓаните можат да пријават случаи на македонски, албански и англиски јазик.
На располагање на граѓаните е и системот „Еcall“ при сообраќајни несреќи. Системот се користи во возилата низ ЕУ кој автоматски воспоставува бесплатен итен повик на 112 доколку возилото е вклучено во сериозна сообраќајна несреќа.