Падната е интернет-страната на Министерството за образование и наука (МОН), но во функција е страната https://e-uslugi.mon.gov.mk , на која од денеска се врши упис во средните училишта.
Министерството вчера објави дека и оваа година овозможува дигитална услуга за електронско аплицирање. Учениците ќе може да ги пополнуваат своите пријави (апликации) заклучно со 21 јуни 2023, најдоцна до 15 часот, по што системот ќе биде затворен за онлајн-аплицирање од ученици.
„Аплицирањето нема да одземе повеќе од 15 минути. Пријавувањето на учениците ќе се врши преку линк до порталот за електронски услуги на Министерството за образование и наука https://e-uslugi.mon.gov.mk со специјална најава за средношколци преку сопствените кориснички сметки на schools.mk Регистрација на системот нема да биде потребна и најавата ќе се врши исклучиво со корисничките сметки на schools.mk Упатството за логирање / најава во системот и пополнување на пријавата ќе биде поставено со линк на страната за логирање/најава“, вели МОН.
Во периодот додека системот за аплицирање е достапен за учениците, тие ќе можат да прават ажурирање, измени и дополнувања на своите пријави и да имаат увид во вкупниот број на поени од успехот, без поените од дипломите.
Валидација на дипломите и внесување на поени од дипломите вршат комисиите од средните училишта.
Прелиминарната ранг-листа на запишани ученици ќе биде објавена на 22 јуни 2023 на интернет- страницата на Министерството за образование и наука www.mon.gov.mk, односно на https://e-uslugi.mon.gov.mk најдоцна до 9 часот.
Доставувањето на потребната документација до училиштата е на 22 јуни од 12 до 19 часот и на 23 јуни од 7 до 19 часот, согласно изготвен распоред од страна на училиштето.
Б. НЕСТОРОСКА