БАНИЦАТА НА ПЕНЗИОНЕРКИТЕ ОД МИРАВЦИ ПОБЕДИ НА СОБИРОТ КАЈ МАНАСТИРОТ ЕЛЕНЕЦ

    БАНИЦАТА НА ПЕНЗИОНЕРКИТЕ ОД МИРАВЦИ ПОБЕДИ НА СОБИРОТ КАЈ МАНАСТИРОТ ЕЛЕНЕЦНа собирот пензионерите од речиси сите градови во Македонија одржаа традиционална средба со настап на културно-уметнички друштва. (Фото: СДК.МК)

    Стотина автобуси, комбиња и неколку илјади автомобили, претежно со пензионери од цела Македонија, денеска беа паркирани во атарот на селото Цера и манастирот Еленец кој се наоѓа на десетина километри северозападно од Македонска Каменица. Овој манастир во 1880 бил возобновен на темелите на стариот црковен објект кој потекнува многу порано.

    Како што кажуваат свештениците, манастирот Еленец во последните години претрпел неколку реставрации на трите куполи и на камбанаријата со помош на верниците кои на иконите донираат средства за такви реставрации, но и со средства на ИПАРД програмата на ЕУ.

    Марија Моневска, претседателка на Комисијата на жени пензионерки, за најдобри ги прогласи баниците од Миравци. (Фото: СДК.МК)

    Манастирот се наоѓа во еден прекрасен планински крај на 1.000 метри надморска висина и пред неколку децении е прогласен за еден од најубавите и најживописните. Манастирско-туристичкиот комплекс од оваа година од Општината Македонска Каменица ќе биде збогатен со повеќе летниковци и уреден простор за паркирање на големиот број возила и уредување на просторот.

    На собирот, пензионерите од речиси сите градови во Македонија ја одржаа својата традиционална средба со настап на своите културно-уметнички друштва и со натпревар на пензионерките во правење баница под вршник. Марија Моневска, претседателка на Комисијата на жени пензионерки, за најдобри ги прогласи баниците од Миравци, второпласирана е баницата од Новаци и третопласирана баницата на пензионерките од Македонска Каменица.

    „За денеска подготвивме јанија со јагнешко, манџа од еден тон, да пробаат сите посетители“, вели главниот готвач Крум Георгиевски, кому му помагаат неговите колеги Душко Тодоровски и Геро Атанасов. (Фото: СДК.МК)

    Повеќе од 20 волонтери од селото Цера и Македонска Каменица мошне организирано и успешно приготвуваат јадење за посетителите.

    „Јас сум готвач цел работен век. На оваа работа сѐ уште сум во Македонска Каменица, а овде на манастирот доаѓам на сите три собири што се случуваат во текот на една година. За денеска подготвивме јанија со јагнешко, манџа од еден тон, да пробаат сите посетители“, вели главниот готвач Крум Георгиевски на кого му помагаат неговите колеги Душко Тодоровски и Геро Атанасов.

    Како што велат, овде ќе бидат и на 14 октомври кога е патрониот ден на манастирот Еленец, кога се слави верскиот празник Покров на Пресвета Богородица, кога исто така доаѓаат голем број иселеници од странство .

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира