Земјоделците и овоштарите од Росоман и Градско ги прекинаа блокадите на регионалниот пат Градско-Прилеп откако им било ветено дека ќе се санира системот „Макарија“, преку кој се наводнуваат нивните површини. Ова лично им го соопшти министерот за земјоделство Љупчо Николовски, заедно со професори од Градежен факултет во Скопје.
„Ќе има вода за наводнување на површините во Росоман и Градско од околу 3.000 хектари. Експресно го обезбедуваме решението за санација на цевководот ‘Макарија‘ преку измените на Програмата за водостопанство за 2023 и Инвестициската програма на АД Водостопанство. Земјоделците бараа 1.200 литри вода во секунда, а ќе добијат 1.700“, кажа Николовски.
Хаваријата на системот „Макарија“ се случи на 27 мај. Професорите од Градежен факултет го презентираа техничкото решение за надминување на проблемот, предизвикан од оштетувањето. Со ова решение од траен карактер ќе се обезбедат дополнителни количини вода над бараниот минимум.
„Добивме ветување дека работите ќе бидат завршени за 45 дена, што било најбрз можен рок. Добро е што веќе имало купени цевки за систем во Тетовско, па тие ќе се искористат за ‘Макарија‘. Во спротивно, ќе беше невозможно оваа година да се издржи“, велат жителите од Росоман.
На прашањето како сега ќе ги полеваат културите, кажаа дека ќе зависи од времето.
П. ПЕЧКОВ