Легендарната британска актерка и двојна оскаровка Гленда Џексон почина на 87 години. Беше активна и во британската политика, и тоа како пратеничка на Лабуристичката партија од 1992 до 2015 година.
„Гленда Џексон почина мирно во својот дом во Блекнит, Лондон, по кратко боледување. Таа неодамна го заврши снимањето на филмот ‘The Great Escaper‘, во кој глумеше со Мајкл Кејн“, изјави нејзиниот менаџер Лајонел Ларнер.
Џексон ја почнала актерската кариера во театар, пред да го има големото филмско деби во 1967 година. Меѓународна ѕвезда стана во 1970-ите, кога доби четири номинации за Оскар, триумфирајќи во 1971 и 1974 со филмовите „Вљубена жена“ и „Љубовник со голем стил“.
За улогата на кралицата Елизабета Прва во серијата „Елизабета Р“ двапати беше наградена со Еми, а беше добитничка и на најпрестижната театарска награда Тони.
Од глумата се откажа во 1992 за да стане пратеничка во британскиот парламент, а паузата ја прекина во 2019.