Четириесет и четвртото издание на фестивалот Скопско лето почнува утре, а Дирекцијата за култура и уметност на Скопје сè уште не знае дали годинава ќе добие пари и дали градоначалничката Данела Арсовска ќе го отвори. Директорот на Дирекцијата, Никола Глигоров, на денешната прес-конференција кажа дека манифестацијата годинава ја организираат со 800 илјади денари од Министерството за култура.
„Од Град Скопје лани не добивме поддршка ниту за една манифестација, ниту за Скопско лето, ниту за Есенски музички свечености, ниту за Денови на европско Скопје. Годинава сè уште не сме ги добиле резулатите од програмата за култура на Градот, се надеваме на поинакви резултати. Се надевам и дека градоначалничката ќе го отвори, бидејќи лани не дојде“, рече Глигоров.
Во каталогот на Скопско лето, на првата страна е објавено поздравно обраќање од Арсовска, каде вели дека „Овој фестивал претставува обележје на градот Скопје, кој преку уметноста го хармонизира и облагородува животот и му дава смисла на нашето постоење“.
Фестивалот ќе трае од утре до 31 јули, ќе има изложби, претстави и концерти. Отворањето утре е во 21 часот во фоајето на Националната опера и балет (НОБ), со концертот насловен „Вруток“ на Факултетот за музичка уметност (ФМУ).
Б. НЕСТОРОСКА