СТРУШКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК МЕРКО ВЕЛИ ЌЕ СОРАБОТУВА СО ПРАВОСУДНИТЕ ОРГАНИ ЗА ИСТРАГИТЕ ПРОТИВ НЕГО

    СТРУШКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК МЕРКО ВЕЛИ ЌЕ СОРАБОТУВА СО ПРАВОСУДНИТЕ ОРГАНИ ЗА ИСТРАГИТЕ ПРОТИВ НЕГООд активни 6 случаи против Мерко, не само што ниту еден не е завршен, туку има заглавени во фаза на предистрага, уште од 2015. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на Струга Рамис Мерко, денеска на Фејсбук објави дека ќе биде „отворен како и секогаш за поддршка на правдата и за секој процес пред правосудните органи“, откако на 20 јуни, Стејт департментот го означи градоначалникот на Струга Рамис Мерко како неподобен за влез во САД поради неговата вклученост во значајна корупција. Оттаму рекоа дека Мерко, како градоначалник на Струга, злоупотребувал општински средства и се мешал во судски и други јавни процеси.

    „Oд страна на институцијата Општина Струга, како и од моја страна, ќе ја доставyвам навреме и што е можно поскоро секоја потребна документација, бидејќи секогаш сум бил транспарентен за органите на правдата и за сите други институции. Притоа, во интерес на процесот, решив да ја замрзнам секоја активност во партиските структури до затворање на важните процеси за сите“, вели Мерко во објавата која ја илустрира со заеднички фотографии со американската амбасадорка Анџела Агелер.

    Обвинителството денеска соопшти дека четиричлена комисија од јавни обвинители од државното Јавно обвинителство врши надзор на постапувањето во предметите во ОЈО Струга и ВЈО Битола. По целосните проверки на постапувањето, Комисијата ќе изготви извештај.

    Откако беше стацен на црната листа на САД, минатата недела Обвинителството објави и колку истраги има во моментов против него. Од активни 6 случаи против Мерко, не само што ниту еден не е завршен, туку има заглавени во фаза на предистрага, уште од 2015 година. Тоа значи дека дури ни истрага не била отворена. Најголем дел од овие предмети против Мерко се зацементирани во Основното јавно обвинителство Струга. Има два и во ОЈО за организиран криминал и корупција. Кривичните дела во овие шест случаи против градоначалникот со трет мандат се за: злоупотреба на службената положба и овластувањата, за злоупотреба при јавни набавки и за штета на Буџетот, за измама и за несовесно работење во службата. Сите се дела со предвидени затворски казни, има и такви за кои е пропишана казна над 5 години затвор.

    Во петокот, Антикорупциската комисија на прес-конференција покажа како се штити висок функционер на владејачка партија, низ патешествија од стотици километри на предметите против Рамис Мерко за корупција, сите без завршница. Од она што го презентираше претседателката Билјана Ивановска, за така да заталкаат предметите против Мерко, па дури и едниот да го снема од Судскиот совет, се погрижиле: Обвинителството за организиран криминал и корупција, ОЈО Струга, претседателот на Основен суд Струга, па дури и Одделот за вештачење во МВР, кој таму задржал подолго време случај за него.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира