БИТОЛСКИОТ СОВЕТ ИЗГЛАСА ИНИЦИЈАТИВА ДО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ НА ДИРЕКТОРОТ НА „ПАРКИНЗИ“

    БИТОЛСКИОТ СОВЕТ ИЗГЛАСА ИНИЦИЈАТИВА ДО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ НА ДИРЕКТОРОТ НА „ПАРКИНЗИ“Разрешувањето на директорот Зоран Михајловски е прв случај мнозинство советници да изгласа таква иницијатива. (Фото: СДК.МК)

    По одлуките за разрешување на управните и надзорните одбори на јавните претпријатија во Битола, Советот денес изгласа и иницијатива до градоначалникот Тони Коњановски за разрешување на директорот Зоран Михајловски од Јавното претпријатие „Паркинзи“. Ова е прв случај мнозинство советници да изгласа иницијатива за разрешување на директор поставен од актуелната локална самоуправа, во случајот предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

    Иницијативите кои не се во интерес на локалната власт почнаа да минуваат на Советот откако се распадна претходното мнозинство меѓу ВМРО-ДПМНЕ и независната иницијативва Понаку и Левица. На денешната седница иницијативата ја предложи Елена Кромидаровска, а „за“ гласаа 17 советници од СДСМ и коалицијата, Поинаку и Левица, а со 13 гласови „против’’ се изјаснија ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

    Иницијативата за разрешување на Михајловски се покрена зашто електричното вовче Мечо кое девовиве беше пуштено во функција, а набавено со општински средства, носи бренд на приватна битолска фирма, а за тоа не бил известен Советот, како и за други работи поврзани со него.

    „На одржаната Комисија за финансии и буџет приствуваше и директорот, го прашавме повеќе прашања, но тој веројатно не сметаше дека треба да добиеме одговор“, рече Кромидаровска.

    На комисиската седница Михајловски одговарајќи на советнички прашања рече дека од сите битолски фирми само една пројавила интерес да се рекламира, инаку не се работи за донација.

    „Јас се извинувам, пропустот е мој. Ќе добиете детална и јавна информација. Ќе се отстрани брендирањето“, рече Михајловски.

    Запрашан зошто кога стигнало вовчето не го информирал Советот, одговори: „За што да бидете известени, дали ве известуваат кога стигнува возило од поправака или се набавува ново, ако сакате ќе ве известуваме за сè“.

    Претседателката на Советот Габерила Илиевска од Поинаку критикуваше дека иако директорот имал шест месеци, до Советот доставил само одлука за цената на возење од 50 денари, а не и за траса на возење, работно време и слично.

    За советниците од ВМРО-ДПМНЕ иницијативата за разрешување на директорот е уште една од низата незаконски одлуки на новото советничко мнозинство.

    „Според Законот за локална самоуправа, Советот нема законски основ за разрешување на директор. Доколку ни треба помош од некоја институција да се обратиме до Инспекторат за локална самоуправа, Државен завод за ревизија, повисоки инстанци, па и да се согласиме дека ни треба мониторинг врз работата на Советот“, рече Ѓорги Ѓоргиевски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

    Претседателката Илиевска изјави дека мониторинг е потребен зашто во статутот е предвидена Комисија за статут и пропис со која преседатва токму Ѓоргиевски, а одбива да ја свика и покрај нејзиното барање за да се утврди како натаму ќе функционира Советот.

    „Инспекторот ќе дојде в петок, да му понудиме да го вработиме овде нека нè пази како мали деца“, рече иронично Илиевска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира